Локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија, германската федерална покраина со речиси 14 милиони гласачи, го обезбедија првиот голем тест за расположението за владејачката коалиција ЦДУ/СПД на федерално ниво.
Резултатите, сепак, се драстично различни за двата коалициски партнери, пишува Билд.
ЦДУ стабилна, АфД во пораст
Демо-христијанската унија (ЦДУ) се потврди како јасен победник на изборите. Според првите прогнози, тие освоија 34 проценти од гласовите на ниво на целата покраина, што е речиси идентичен резултат како и на изборите во 2020 година, кога имаа 34,2 проценти.
Вториот голем победник на изборите е Алтернатива за Германија (АфД), која постигна извонреден раст. Со помеѓу 16 и 17 проценти од гласовите, АфД го зголеми својот резултат повеќе од трипати во однос на 2020 година, кога имаше 5,1 процент.
Успехот на АфД ги загрижи и победниците.
„Овој резултат мора да нè натера да размислиме и не може да ни дозволи мирно да спиеме“, изјави премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст (ЦДУ), во емисијата „Berlin Report“, и покрај победата на неговата партија.

Тежок удар за СПД и Зелените
Од друга страна, Социјалдемократската партија (СПД) претрпе тежок пораз.
Во нивното поранешно традиционално упориште, нивната поддршка падна на само 22 проценти. Тоа е продолжение на негативниот тренд од последните локални избори во 2020 година, а главното прашање на вечерта за некогаш моќната партија сега е дали ќе успее да остане над прагот од 20 проценти.
Голем пад забележаа и Зелените, чија поддршка падна од 20 проценти во 2020 година на сегашните 11 проценти.
За разлика од СПД, нивниот висок резултат пред пет години беше привремен врв, а сега, слично на федерално ниво, тие се вратија на поддршката на нивното основно гласачко тело.
Тест за федералната влада
Иако станува збор за локални избори, резултатите во Северна Рајна-Вестфалија имаат национална тежина.
Тие се сметаат за прв голем тест за расположението на гласачите од предвремените федерални избори минатата зима.
Тие се особено важни за црно-црвената коалиција на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ), бидејќи голем дел од раководството на ЦДУ, вклучително и самиот Мерц, потекнува од оваа федерална покраина.
Во Берлин, резултатот на СПД се следи внимателно бидејќи ќе влијае на рамнотежата на моќта во рамките на владејачката коалиција, а е особено клучен за позицијата на копретседателот на партијата, Бербел Бас.

Национална анкета: Крајнодесничарската АфД стана најпопуларна партија во Германија за прв пат
Според последната национална анкета, спроведена во август, крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) стана најпопуларна партија во земјата.
Доколку парламентарните избори се одржаа сега, 26 проценти од Германците би гласале за АфД, велат резултатите од анкета спроведена од Институтот Форса за социјални истражувања и статистичка анализа.
Така, АфД го престигна конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој падна на второто место со 24 проценти поддршка во анкетата.
Иако анализата на неколку анкети покажува дека германските демохристијани сè уште имаат мала предност пред АфД, крајната десница е во пораст откако освои речиси 21 процент од гласовите на федерално ниво во февруари, што е нејзин најдобар резултат во историјата.
АфД сега е најголемата опозициска партија во Бундестагот.
Повици за забрана на АфД
АфД е основана пред повеќе од една деценија како партија на група професори по економија кои, во средината на европската должничка криза, се спротивставија на еврото и финансиската помош за презадолжените земји. Во првите години, таа редовно освојуваше едноцифрени проценти на гласови на федералните и регионалните избори.
Под водство на Алис Вајдел, поранешна економистка, АфД сега се залага за тврдокорни антиимигрантски и десничарски популистички политики. Некои политичари од главните партии тврдат дека партијата е толку екстремна што треба да биде забранета според одредбите од германскиот устав, дизајнирани да спречат повторување на нацистичкото минато.
Седум кандидати на АфД починаа пред локалните избори
Потсетуваме дека во неделите пред локалните избори во Северна Рајна-Вестфалија, починаа седум кандидати на АфД. Полицијата јасно стави до знаење дека нема ништо сомнително во овие смртни случаи.
На почетокот на септември беше објавено дека починале четири кандидати на АфД, а само неколку дена подоцна бројот се зголеми на седум.
Првите четири смртни случаи се однесуваа на кандидати од градовите Бад Липспринге, Бломберг, Рајнберг и Шверте. Федералната покраинска полиција, која ги истражуваше случаите, изјави дека нема докази за вмешаност на трета страна. Само во еден случај беше отворена официјална истрага, но без траги од кривично дело. Во други случаи, смртта беше прогласена за несомнителна.
Од кандидатите чии смртни случаи беа објавени на 2 септември, еден почина од откажување на бубрезите, а другиот изврши самоубиство. Огранокот на АфД во Ремшајд потврди на 3 септември дека нивниот кандидат од Кременхал, 80, починал од природна смрт по долго боледување.
Полицијата вели дека нема знаци на криминална активност
Кеј Готшалк, потпретседател на АфД во Северна Рајна-Вестфалија, за Politico изјави дека нема причина да се верува дека смртните случаи се нешто друго освен случајности. Тој најави дека случаите сепак ќе бидат дополнително разгледани, „без веднаш да навлегуваат на територијата на теориите на заговор“.
И покрај официјалните објаснувања, социјалните мрежи се преплавени со шпекулации и теории на заговор за зголемување на бројот на мртви кандидати, особено оние поврзани со АфД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата