Американската акција во Венецуела беше успешна и без последици за американските специјални сили но, особено во американската јавност и специјализираните воени портали, се појавија низа тврдења дека акцијата е извршена со помош и соработка на локалните власти во Венецуела без што акцијата со ваков тек не би била можна.
Се потсетува на слична акција на американските специјални сили последниот пат кога САД пробаа сличен модел - насочени апсења длабоко во непријателска средина - тогаш акцијата заврши со катастрофа во Могадишу (Сомалија) во 1993 година.
За време на операцијата позната како Битка за Могадишу, американските специјални сили се обидоа да го уапсат сомалискиот лидер Мохамед Фарах Аидид и неговите блиски соработници. Планот беше едноставен: кратка акција, брзо повлекување и минимални загуби. Но, во пракса, сè се распадна за неколку часа.
„Падот на Црниот Јастреб“ - моментот кога операцијата пропадна.

Два американски хеликоптери „Црн Јастреб“ (Блек Хоук) беа соборени над градот Могадишу, а елитните единици останаа опкружени во густа урбана средина. Следеа неколкучасовни престрелки со локалните милиции, без јасна линија на фронтот и без контрола на теренот.
Балансот беше катастрофален: 18 мртви американски војници, десетици ранети, додека телата на убиените војници беа влечени низ улиците на Могадишу пред камерите на светските медиуми. Снимките го обиколија светот предизвикувајќи згрозување за односот на сомалијците и станаа траен симбол на неуспехот на американската интервенција.
Настанот подоцна доби силен културен одек - врз основа на него е направен филмот „Падот на Црниот Јастреб“, кој остана во американската јавност како потсетник на моментот кога илузијата за совршена воена моќ се судри со реалноста на хаотичната војна на терен.
Политичките последици беа уште потешки. Администрацијата на тогашниот американски претседател Бил Клинтон беше принудена итно да ги повлече американските сили од Сомалија. Вашингтон потоа сфати дека ниту технолошката супериорност ниту елитните единици не гарантираат успех при влегување во непријателска урбана средина без јасна стратегија за излез.
Зошто Венецуела не е Могадишу
Токму споредбата со Могадишу го отвора најнепријатното прашање за Каракас. Ако во 1993 година, Сомалија, опустошена држава без функционални институции, успеа да пружи вооружен отпор на американските специјални сили и да го заштити својот лидер, тогаш неизбежно произлегува заклучокот дека во Венецуела се случило нешто сосема друго.
За разлика од Сомалија, Венецуела не беше без држава, без армија и без безбедносен апарат. Напротив, со години е прикажана како земја со силна контрола врз вооружените сили, длабоко политизирана војска и систем на лојалност изграден токму за да се спречи надворешен напад. Сепак, американската операција беше успешна - без урбан хаос, без масовен отпор и без слика од „Могадишу 2.0“.
Ова може да се објасни само со воената супериорност на Соединетите Американски Држави која беше евидентна но, што е су другата - венецуелска страна? Искуството на Сомалија јасно покажува дека ниту технолошката предност ниту елитните единици не се доволни кога се соочуваат со вистински отпор на терен. Ако нема отпор, причината е речиси секогаш политичка, а не воена.
Клучниот фактор - предавство

Во случајот со Венецуела, сè повеќе аналитичари заклучуваат дека клучниот фактор била внатрешната слабост на системот. Или, поточно - предавство. Ако претседателот можел да биде киднапиран без војската решително да реагира, тоа значи дека лојалноста веќе била поткопана, хиерархијата уништена, а безбедносниот апарат компромитиран одвнатре.
Могадишу покажа што се случува кога локалните структури, колку и да се хаотични, го бранат својот лидер. Венецуела, пак, покажа што се случува кога државата формално постои, но се распаѓа одвнатре. Во оваа смисла, Мадуро падна за два часа, пред се, поради неговиот неуспех да ја консолидира земјата внатрешно и корумпираноста на целосниот воено полициски систем.
Кога државниот систем, влучително политиката, војската и полицијата се градени и контаминирани со висок степен на корупција секогаш има некој што ќе понуди повеќе на корумпираните за ди извршат што се бара од нив. Венецуела е само последниот пример.
Затоа споредбата со Могадишу не е само историска паралела, туку и дијагноза: таму каде што има вистинска политичка и воена кохезија, дури и Америка може да биде запрена. Таму каде што системот е внатрешно шуплив и корумпиран операцијата е завршена без да се испука ниту еден куршум.
И тоа е разликата што ја прави Венецуела послаба од Сомалија во 1993 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата