Искуството од 2015 година покажува дека оваа клаузула не е само политичка декларација, туку може да има многу конкретни последици.
Клаузула за заемна помош (член 42.7 од Договорот за ЕУ): Наложува дека доколку една земја-членка е нападната, другите членки се обврзани да обезбедат помош и поддршка.
За прв пат, Европската Унија сериозно развива план за одбрана во случај на напад, во време кога Доналд Трамп отворено ја доведува во прашање иднината на НАТО. Додека Вашингтон го зголемува притисокот врз сојузниците, па дури и размислува за повлекување од алијансата, Брисел брзо подготвува план за активирање на сопствената клаузула за заемна одбрана, потег што многумина го гледаат како почеток на нова фаза од европската безбедносна политика, пишува „Гардијан“.
Лидерите на ЕУ се согласија дека Европската комисија ќе „подготви нацрт“ одговор во случај да се активира клаузулата за заемна помош, изјави кипарскиот претседател Никос Христодулидес, кој беше домаќин на состанокот.

Клаузулата за заемна одбрана, член 42.7 од Договорот за ЕУ, беше дискутирана во четврток вечерта, пред да се појават извештаи дека САД размислуваат како да ја суспендираат Шпанија од НАТО.
Имено, америкаснкиот претседател Трамп, долгогодишен критичар на трансатлантската воена алијанса, ги засили своите напади врз она што го нарекува „многу разочарувачки НАТО“ откако европските земји не учествуваа во американско-израелската војна против Иран.
Овој месец, тој рече дека „без ни сенка на сомнеж“ размислува за повлекување на САД од НАТО, туркајќи ја 77-годишната алијанса во една од најдлабоките кризи во нејзината историја. Шпанскиот премиер Педро Санчез, еден од најгласните критичари на војната во Иран во Европа, во петокот изјави дека Шпанија е лојален член на НАТО, истовремено повторувајќи ги критиките за „неуспехот на политиката на брутална сила на Блискиот Исток“.
Во овој контекст, интересот за клаузулата за заемна помош на ЕУ, која ги обврзува земјите-членки да обезбедат „помош и поддршка со сите средства што им се на располагање“ ако некоја земја-членка е нападната од друга држава или недржавен актер, повторно порасна.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во петокот изјави: „Работиме на прирачник за тоа како да се користи оваа клаузула“. Тој додаде дека веќе има „тест случај“ на Кипар, осврнувајќи се на неодамнешниот напад со беспилотни летала врз британска база на островот на почетокот на најновиот конфликт на Блискиот Исток. Коста рече дека „Грција, проследена од Франција, Италија, Шпанија и Холандија, мобилизирале воена опрема и сили за да му помогнат на Кипар да се одбрани од надворешни напади“.
Франција во моментов е единствената земја што го активираше членот 42.7 по терористичките напади во Париз во 2015 година, во кои беа убиени 130 лица. Потоа Париз ги повика другите членки на ЕУ да ги зајакнат своите воени ангажмани во странство, за да може да ги пренасочи своите сили кон внатрешната безбедност. Но, токму недостатокот на специфични правила во самиот договор, што некогаш се сметаше за предност бидејќи дозволуваше флексибилност, денес предизвикува неизвесност кај земјите-членки.
„Да речеме дека Франција го активира членот 42.7, кои земји ќе одговорат први? И кои точно се потребите на земјата што бара помош?“, предупреди кипарскиот претседател Христодулидес, додавајќи дека токму ваквите прашања треба да бидат разработени во новиот оперативен план на ЕУ.

Дополнителен поттик за посериозно разгледување на оваа клаузула дојде од Кипар, земја што не е членка на НАТО алијансата, и на чија територија беспилотно летало ја погоди британската база на РАФ во Акротири во март. Сепак, дел од членовите се претпазливи кон потезите што би можеле да се протолкуваат како поткопување на Член 5 на НАТО, основата на колективната одбрана на Западот.
„НАТО останува основа на колективната безбедност“, рече еден европски функционер, нагласувајќи дека ЕУ сè уште има комплементарни алатки, од санкции и финансиска помош до хуманитарна поддршка, што би можело да биде клучно во случај на активирање на Член 42.7. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, веќе работи на оваа рамка.

Во исто време, расте нервозата во Европа поради изјавите на Доналд Трамп. Полскиот премиер Доналд Туск отворено ја доведе во прашање подготвеноста на Вашингтон да остане верен на обврските кон НАТО, нарекувајќи го „најважното прашање за Европа“.
Во сенка на овие тензии, се појави информација дека Пентагон размислува да ги казни сојузниците кои не ги поддржаа американските операции против Иран. Според американските функционери, мерки како што се суспензијата на Шпанија од Алијансата или преиспитувањето на ставот на САД за британскиот суверенитет над Фолкландските Острови се дискутираат интерно. Причината, се тврди, е незадоволството на дел од американската администрација поради одбивањето на одредени земји да обезбедат пристап до бази и надлетувања за операции против Иран.

Иако НАТО вели дека основачкиот договор не предвидува механизам за исклучување на членовите, политичките тензии се очигледни. Шпанскиот премиер Санчез се обиде да ја смири ситуацијата, нагласувајќи дека Мадрид останува сигурен сојузник, но исто така повторувајќи ги критиките за „неуспехот на политиката на моќ“ на Блискиот Исток.
Во Брисел, затоа, брзо се развиваат специфични сценарија за примена на член 42.7, а веќе во мај се планираат симулациски вежби за да се тестира како би реагирала ЕУ во случај на негово активирање; кој што прави, колку брзо и со какви средства.
Искуството од 2015 година покажува дека оваа клаузула не е само политичка декларација, туку може да има многу конкретни последици. Откако Франција го активираше членот 42.7, другите земји-членки презедоа дел од своите воени обврски во странство (во Сахел, Мали и Централноафриканската Република) за да може Париз да ослободи безбедносни сили на своја територија.
Во исто време, членството на Обединетото Кралство во тоа време им овозможи на француските авиони да ја користат базата на Кипар, а размената на разузнавачки податоци и соработката во борбата против тероризмот беа дополнително интензивирани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата