Русија од од денеска ги затвора сите железнички гранични премини кон Финска, Естонија и Латвија, со што привремено се запира сообраќајот на седум железнички премини по должината на нејзината северозападна граница.
Како што пренесува руската државна новинска агенција ТАСС, руското Министерство за надворешни работи добило налог за оваа одлука официјално да ги извести сите три држави.
„Привремено од 1 јули 2026 година се запира сообраќајот на патници, возила, стока и товар преку железничките гранични премини на одредени делници од државната граница на Руската Федерација, во согласност со приложениот список“, стои во уредбата.
Преостанатите два премини се наоѓаат во Псковската област: „Печори-Псковские“ на границата со Естонија и „Питалово“ на границата со Латвија. Со нивното затворање се прекинува еден од ретките преостанати директни копнени сообраќајни правци меѓу Русија и државите од Европската Унија на тој дел од границата.
Растат тензиите на источното крило на НАТО
На северозападните граници на Русија последните години растат тензиите, особено откако Финска и Шведска пристапија во НАТО во 2023, односно 2024 година. Финска, Естонија и Латвија сè почесто предупредуваат на засилени руски воени активности и хибридни закани во близина на своите граници.
Шведска неодамна предупреди дека Русија долгорочно останува една од најголемите безбедносни закани за Алијансата. Началникот на шведската воена разузнавачка служба, Томас Нилсон, изјави дека Москва веќе ја проширува воената инфраструктура долж источната граница на НАТО и дека тие планови би можела да ги забрза кога ќе ги обнови воените капацитети исцрпени од војната во Украина.
Закани со одмазда и подигнување на „змејски заби“
Русија во април се закани со одмазда кон балтичките држави, обвинувајќи ги дека им дозволуваат на украинските беспилотни летала да минуваат низ нивниот воздушен простор. Во мај, за време на ноќните напади врз Украина, руски дрон влезе во воздушниот простор на Романија, членка на НАТО, и се урна врз станбена зграда во градот Галаци, при што во пожарот беа повредени двајца цивили.

Во рамките на зајакнувањето на одбраната на своите граници, Латвија започна да поставува бетонски противтенковски пречки познати како „змејски заби“ долж границата со Русија, како дел од заедничкиот проект „Балтичка одбранбена линија“. Слични пречки поставува и Естонија.
Истовремено, Украина на границата со Белорусија во Черниговската област исто така гради линии од „змејски заби“, поставува жичани пречки и го шири системот на одбранбени ровови.
Поради сè почестите случаи на навлегување на руски дронови во воздушниот простор на земјите од НАТО, Естонија неодамна во Талин го постави и првото модуларно армирано-бетонско јавно засолниште наменето за заштита на цивилното население.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата