Една жена го загуби животот, а речиси 1.700 туристи во паника се евакуирани поради огромен пожар што избувна во познатото летувалиште Бајахибе во Доминиканската Република.
Жртвата е идентификувана како Франческа Валентино, 46-годишна државјанка на Италија. Според итните служби, три лица се итно пренесени во болница, додека на уште шестмина им е укажана помош на самото место на несреќата, вклучувајќи гости, посетители и членови на спасувачките тимови.
Снимките објавени на локалните медиуми и социјалните мрежи прикажуваат густи облаци од црн чад како се издигнуваат над карипскиот брег, додека огнените јазици целосно го голтаат покривот на одморалиштето.
„Првичните согледувања укажуваат дека пожарот се проширил со огромна брзина поради лесно запаливата природа на покривните конструкции направени од палмини листови, но и поради силниот ветер“, соопштија од Центарот за итни операции (COE).
Пожарот по тешка борба е ставен под контрола, но причините за неговото избувнување сè уште се истражуваат.
Доминиканската Република, позната по своите кристално чисти води и бели песочни плажи, е водечка туристичка дестинација на Карибите. Само во првите пет месеци од годинава, земјата ја посетиле рекордни 5,6 милиони туристи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата