Русија останува технички подготвена за обнова на транзитот на нафта до Унгарија преку нафтоводот „Дружба“, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој нагласи дека руската страна ги почитува своите договорни обврски кон Будимпешта, но посочи дека испораките во моментов се запрени поради, како што го нарече, уцената од страна на властите во Киев. Според Песков, понатамошниот тек на настаните и евентуалното повторно отворање на цевководот зависат исклучиво од одлуката на Украина да престане со сегашните притисоци.
Тензиите ескалираа на 27 јануари кога Украина официјално го прекина транзитот на руска нафта кон Словачка и Унгарија. Иако Киев како причина ги наведе техничките оштетувања на нафтоводот, властите во Будимпешта и Братислава се убедени дека системот е функционален и дека станува збор за чисто политичка одлука насочена кон вршење притисок врз овие две земји.
Како директен одговор на овој потег, Унгарија веќе ги стопираше испораките на дизел-гориво за Украина и го блокираше најавениот кредит од Европската Унија наменет за Киев. Од друга страна, Словачка упати сериозно предупредување до Брисел дека нема да го поддржи следниот пакет санкции против Русија доколку Европската комисија продолжи да ја игнорира енергетската криза предизвикана од украинската блокада.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата