Окружниот суд во швајцарскиот град Бремгартен изрече казна затвор од пет години за 29-годишен државјанин на Македонија, кој извршил серија грабежи и други кривични дела во изминатиот период.
Според судските наводи, тој ограбувал продавници од синџирот „Volg“, како и златарници, при што одзел илјадници швајцарски франци. Покрај грабежите, против него биле евидентирани и други прекршоци, меѓу кои нарушување на посед, закани и насилничко однесување.
Она што го направи случајот необичен е признанието на обвинетиот пред судот – тој изјавил дека намерно ги извршувал кривичните дела за да биде уапсен и испратен во затвор, сметајќи дека тоа е единствениот начин да се ослободи од зависноста од алкохол.
Судот ја прифатил забрзаната постапка бидејќи обвинетиот ги признал сите дела, а обвинителството не побарало повисока казна. Покрај затворската казна, му се изречени и финансиски обврски од околу 80.500 швајцарски франци за казни и отштета.
По издржувањето на казната, македонскиот државјанин ќе биде депортиран од Швајцарија и ќе му биде изречена десетгодишна забрана за влез во земјата.
Случајот привлече внимание во јавноста поради необичниот мотив и отвори прашања за тоа како зависниците бараат помош и каква е улогата на казнениот систем во нивната рехабилитација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата