Во услови на нараснати медиумски шпекулации околу можен воен одговор кон Иран, американската администрација денеска ја остави опцијата за дипломатија сè уште жива. Белата куќа преку портпаролката Керолин Левит, пренесе изјава од американскиот претседател: „Врз основа на фактот дека постои реална можност за преговори со Иран, а тие можеби ќе се случат, можеби и не наскоро, одлуката дали ќе преземеме воена акција ќе биде донесена во следните две недели.“
Досегашното искуство покажува дека ставовите на американското раководство често можат брзо да се променат, најчесто преку кратки пораки на социјалните мрежи.
Додека Вашингтон размислува за нареден чекор, на теренот тензии и понатаму растат. Израел и Иран разменуваа напади и во текот на денешниот ден. Тел Авив објави дека повеќе од 270 лица се повредени од иранските ракетни удари, а значително сложена беше состојбата во болницата во градот Бершеба, која директно беше погодена. Иако најголемиот дел од пациентите беа евакуирани навреме, повеќе од 70 луѓе беа ранети во нападот.
Реакциите од израелските власти беа остри. Министерот за одбрана Израел Кац испрати директна закана кон врховниот лидер на Иран, Ајатолахот Али Хаменеи, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху ја осуди целената на болницата, каде меѓу повредените има и деца и бебиња. „Ние ги целиме воените и нуклеарните цели, тие напаѓаат болница. Таму има неподвижни пациенти и одделение за бебиња – тие целеле таму“, нагласи Нетанјаху.
Сепак, нападите на здравствени установи не се непозната појава во регионот. Израелските офанзиви во Газа доведоа до разурнување на голем број болници, при што, според податоци од терен, над 57.000 Палестинци го загубиле животот, од кои 80% се цивили, меѓу нив жени и деца.
Во текот на изминатата ноќ Иран реализираше досега најобемен ракетен напад врз Израел, лансирајќи од 20 до 30 балистички ракети во два бранови. Болницата Сорока беше погодена во вториот бран околу 7 часот изутрина. Истовремено, израелското воено воздухопловство изведе воздушни напади врз повеќе објекти во Иран, вклучувајќи го и комплексот во Арак за производство на тежок водород.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата