logo
logo
logo

АПОКАЛИПТИЧНИ СЦЕНИ ВО КОНГО - СЗО бара итна помош!

Vecer | 19.08.2026

АПОКАЛИПТИЧНИ СЦЕНИ ВО КОНГО - СЗО бара итна помош!

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго (ДР Конго) и понатаму претставува глобална здравствена опасност, предупреди Светската здравствена организација (СЗО). Бројот на потврдени случаи во земјата надмина 5.000, додека од последиците на болеста починаа повеќе од 2.320 луѓе.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, по вонредниот состанок ја повика меѓународната заедница итно да помогне во сузбивањето на епидемијата. Тој порача дека епидемијата е далеку од контрола и предупреди дека вирусот се шири со невидена брзина. Според него, здравствените служби постојано откриваат нови синџири на пренос кои мора да се прекинат за да се запре болеста.

Станува збор за 17-та епидемија на ебола во ДР Конго, но воедно и најсмртоносната во историјата на земјата. Бројот на починати веќе ја надмина бројката од 2.299 жртви, колку што беа регистрирани за време на епидемијата меѓу 2018 и 2020 година.

Нема одобрена вакцина за новиот сој

Ситуацијата дополнително ја комплицира фактот што за овој специфичен сој на вирусот, познат како Бундибугио ебола вирус (Bundibugyo), моментално нема одобрена вакцина ниту официјален третман.

Реакцијата на здравствените служби е силно отежната поради вооружените конфликти во земјата, дезинформациите, недовербата кон здравствените работници и одредени локални традиционални практики. Од СЗО предупредуваат и на проблемот со лоцирањето на сите жаришта, бидејќи високата смртност на одредени локации укажува на тоа дека постојат неоткриени синџири на зараза. Епидемијата официјално беше прогласена на 17 мај, но генетските анализи покажаа дека вирусот почнал да се шири уште во февруари.

Трка со времето за развој на вакцина

Во меѓувреме, интензивно се работи на развој на соодветна заштита. Првиот доброволец што ја прими експерименталната вакцина против овој сој на ебола беше вакциниран минатиот месец во Обединетото Кралство.

Во Индија веќе се произведени неколку стотици илјади дози од вакцината, развиена во соработка со научници од Универзитетот Оксфорд. Доколку тековните испитувања покажат успешни резултати, тие дози веднаш ќе бидат испратени за поддршка на терен.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk