logo
logo
logo

Судиите биле ЗАДОВОЛНИ ОД ИЗВЕШТАЈОТ на Стејт Департментот

Vecer | 24.03.2023

Судиите биле ЗАДОВОЛНИ ОД ИЗВЕШТАЈОТ на Стејт Департментот

Здружението на судии соопшти дека го поздравува извештајот на Стејт департментот за 2022 година, за функционирањето на правосудниот систем во Македонија.

Нотираните факти во однос на судската независност и самостојност, случаите на несоодветно однесување во судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството, што ја попречуваат ефикасноста на судиите и влијае на довербата на јавноста во владеењето на правото, целосно кореспондира со заложбите на Здружението на судиите и заклучоците на VII-та Меѓународна судиска конференција, одржана на 2-3 ноември 2022 година“, се наведува во соопштението од Здружението на судии на Македонија (ЗСРСМ).

На Конференцијата која беше одржана во организација на ЗСРСМ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје и CEELI Institute од Прага, учествуваа судии, претседатели на судови и членови на Судскиот совет, судии од земји членки на Европската Унија и земји со отворени преговори за полноправно членство.

„Овие заклучоци беа доставени до соодветните национални институции, кои уште еднаш ги повикуваме заедно да работиме на имплементација на истите и нотираните забелешки во извештајот за 2022 година, со цел обезбедување на соодветни услови за владеење на правото и правната држава, заложби потврдени на XVI – то редовно Собрание на ЗСРСМ, одржано на 21 февруари 2023 година, во донесената Декларација, на која Здружението на судиите укажува дека независноста на судството е неопходна за обезбедување на непристрасна правда, и поради тоа истата треба да биде поддржана во нејзиниот индивидуален и институционален аспект, имајќи го предвид фактот дека различните државни власти овозможуваат функционалност на една демократска држава, само доколку секоја поодделно се фокусира на своите надлежности, притоа исполнувајќи ги должностите што произлегуваат од нивната уставна поставеност“, се наведува во соопштението од Здружението на судии.

Собранието, како што се истакнува во соопштението, ги повика судиите да го потврдат својот интегритет, преку нивните одлуки и секојдневното однесување, истовремено охрабрувајќи ги медиумите на сеопфатно и објективно пренесување на информациите, со цел овозможување соодветни предуслови за реална перцепција на граѓаните кон работата на судиите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk