Четири нафтени танкери биле уништени откако налетале на поморски мини во Ормускиот Теснец, соопшти иранската Револуционерна гарда (ИРГК), еден ден по новите американски напади врз Иран, пренесе „Би-би-си“.
Според иранската новинска агенција „Тасним“, два од бродовите сè уште горат, а уште два танкери биле запленети поради обид да поминат низ забранета јужна маршрута во теснецот. „Би-би-си“ нагласува дека не можела независно да ги потврди овие информации.
Иранските сили претходно соопштија дека вчера уништиле уште три танкери и собориле американски дрон МК-9. Американските напади врз иранскиот остров Кешм, пак, биле одговор на ирански оган врз американско летало.
Во меѓувреме, главниот ирански преговарач и претседател на парламентот, Мохамад Багер Галибаф, оцени дека поразот на републиканците на американските меѓуизбори претставува јасна порака против војната.
– Без разлика дали поради совеста или поради трошоците за живот, Американците ѝ рекоа „не“ на војната – порача Галибаф, предупредувајќи го Вашингтон дека ќе се соочи со тешки последици доколку ја игнорира волјата на гласачите.
Американскиот претседател Доналд Трамп призна дека војната со Иран и поскапувањето на горивата придонеле за изборниот неуспех на републиканците, но нагласи дека не жали поради воената интервенција.
– Конфликтот ќе заврши кога јас ќе кажам дека е завршен – изјави Трамп, повторувајќи дека Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје.
Преговорите за прекин на конфликтот, започнат со американско-израелските напади во февруари, со месеци се во застој. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан повика на дипломатско решение, предупредувајќи дека обновувањето на борбите нема никому да му користи.
Техеран најави дека Ормускиот Теснец ќе остане затворен додека Вашингтон не го прифати иранскиот мировен план, кој, според иранското Министерство за надворешни работи, би можел да се спроведе за два дена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата