Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Русија од 7 до 10 мај, за да учествува на прославата по повод 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, заедно со неговиот руски колега Владимир Путин, соопшти Кремљ.
Руското претседателство додаде во соопштение дека Си Џинпинг ќе учествува и во билатерални разговори за „развој на глобално партнерство и стратешка интеракција“ и за „актуелни меѓународни и регионални проблеми“.
„Планирано е потпишување на голем број билатерални документи меѓу владите и министерствата (руски и кинески)“, додаде Кремљ.
Посетата се случува во време кога Путин предложи тридневно примирје (од 8 до 10 мај) во конфликтот со Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот вечерта изјави дека одбива да „си игра“ со кратките примирја предложени од Путин, по сличното примирје за време на велигденскиот викенд во април, сметајќи дека тие се премногу кратки за водење сериозни преговори.
Иако не го отфрли јасно тридневното примирје предложено од Москва, Зеленски рече дека Киев не може да ја гарантира безбедноста на меѓународните претставници кои ќе одат во Москва за да ја прослават 80-годишнината од победата над нацистичка Германија.
Во Украина, најавата на Путин за прекин на огнот од страна на набљудувачите беше сфатена како средство за спречување на украинските напади што би можеле да ги нарушат церемониите.
Кина се претставува како неутрална страна и потенцијален посредник за конфликтот во Украина, но останува клучен политички и економски сојузник на Русија, до степен до кој Западот ја окарактеризира како „одлучувачки олеснувач“ на рускиот напад врз Украина, кој Пекинг никогаш не го осудил, пренесува агенцијата Франс Прес.
Кинеските власти се обвинети дека ѝ помагаат на Москва да ги заобиколи западните санкции и да ѝ овозможи да ги набави потребните технолошки делови за производство на оружје за војна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата