Емануел Макрон е во дводневна државна посета на Јужна Кореја, прва посета на францускиот претседател на таа земја од 2015 година.
Тој пристигна на посетата во придружба на неговата сопруга, Брижит Макрон. На видеото парот Макрон може да се види како оди во ресторан во Сеул, но набрзо се опкружени со ентузијастични минувачи кои сакаат да се ракуваат со францускиот претседател и да се фотографираат со него.
Парот Макрон беше видливо изненаден од толку топлиот прием. Изгледаа малку збунети и насмеани, како да не очекуваа спонтан ентузијазам на граѓаните на улиците на главниот град на Јужна Кореја.
За време на официјалната посета, Макрон разговараше со јужнокорејскиот претседател, Ли Џе-мјунг, за зајакнување на одбранбената соработка и заедничкото соочување со енергетската и економската криза предизвикана од војната на Блискиот Исток.
За време на посетата, се одржа и бизнис форум, а Макрон одржа предавање пред студентите на Универзитетот Јонсеи.
Двете земји потпишаа голем број прелиминарни договори за соработка во критични минерали, полупроводници, квантни технологии, нуклеарна енергија и енергија од ветер. Нивната цел е да ја зголемат билатералната трговија од 15 милијарди долари во 2025 година на 20 милијарди долари до 2030 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата