logo
logo
logo

Вардар во друштво на Велешта, Кораби, Кадино, Воска, Беса...

Vecer | 10.05.2021

Вардар во друштво на Велешта, Кораби, Кадино, Воска, Беса...

Пишува: Зоран Ѓоршоски

 

И по којзнае кој пат историјата се повторува или поточно кажано  знае да си поигра со нас. Пред точно 10 години, во мај 2011 година Вардар испадна во Втора лига а Шкендија беше шампион. Тогаш нашиот најтрофеен клуб не играше во понизок ранг поради фузијата со Миравци. Сега мај 2021 Вардар испадна во втора лига, а Шкендија пак шампион. Но сега вардарци се чини нема да прават никаква фузија, туку во следната сезона ќе мора да играат во второлигашката конкуренција.

Вчера и денеска екс – СФРЈ е во шок, фудбалски шок. Се пишува наголемо, се пишуваат реферати како тоа еден некогашен гигант од овие простори го допре дното. И не може да се сфати како тоа некој дозволи на фудбалската гордост на Македонија да му се случи вакво понижување.

Да потсетиме, Вардар е првак и на некогашна СФРЈ од сезоната 1986/87, спаѓа меѓу најдобрите 7-8 клубови од овие простори. Во самостојна Македонија дури 11 пати го освојуваше првенството.

 

ОД ФЕНЕРБАХЧЕ И ЛИГА ЕВРОПА ДО ГОСТУВАЊЕ ВО КАДИНО

По таа 2011 година Вардар успеа да се соземе, да се стабилизира, да стане најдобриот и најголем клуб во Македонија во последната деценија со 6 освоени пехари и единствен со настап во групната фаза во Лигата на Европа. Тоа лето 2017 година ќе остане во вечно паметење кога Вардар во плеј – офот во Лигата на Европа го елиминира еден Фенербахче и оствари историски успех.

Ех, тоа беа времиња, за Вардар, за фановите на Вардар, но и за сите кои го сакаат мак – фудбалот. Иако сите не сме фанови на Вардар, сепак сите бевме пресреќни по тој успех на Вардар, но и на мак – фудбалот.
И сега по само четири години Вардар се најде во друштво на Велешта, Кораби, дерби ќе игра против Тетекс, а замислете ќе гостува во Кадино, потоа на клубови како Воска, Беса од трета лига кои веројатно следната сезона ќе играат во втората лига – запад.

Ова нека биде жестока лекција која некој мора да ја научи.

Вардар нека одигра гордо во Втора лига, нека ова лето се среди организациски, нека купи играчи па преку Купот следното лето игра и во Европа.

Нека покаже дека навистина е голем клуб…


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk