Реал Мадрид на „Етихад“ ја одбрани високата предност против Манчестер Сити и се пласираше во 1/4 финалето на Лигата на шампиони. Овој меч беше специјален и по нешто друго. Тијаго Питарч, 18-годишник чие име одекнува сè погласно во Мадрид постави нов клупски рекорд во Лигата на шампионите.
Младиот играч од средниот ред ја врати довербата на тренерот и го започна натпреварот од првата минута, со што стана најмладиот играч во богатата историја на Реал кој двапати бил во почетниот состав во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Со 18 години и 226 дена, Питарч го сруши рекордот што го држеше Винисиус Жуниор од 2019 година. Бразилецот тогаш имаше 18 години и 236 дена, а Питарч сега го надмина и го запиша своето име во книгите по историја на еден од најголемите клубови во светот.
Фактот дека станува збор за играч кој штотуку влегува во сениорскиот фудбал е особено импресивен. Тој има шест настапи за првиот тим на Реал оваа сезона, три во Ла Лига и три во Лигата на шампионите.