Реал Мадрид го преживеа Манчестер и уште еднаш успеа да го елиминира составот на Пеп Гвардиола во нокаут-фазата во Лигата на шампионите. Во реванш осминафиналето, „Лос Бланкос“ на крајот и успеаја да слават на „Етихад“ со 1:2 и со тоа ги потврдија оние 3:0 од првиот меч кои ги однесоа во следната рунда.
Манчестер Сити одлично почна, нанижа неколку 100% шанси, но не успеа да го погоди голот на Куртоа. Потоа следуваше шок. Бернардо Силва во 20. минута со рака сопре еден шут на Винисиус да заврши во голот на Донарума, судијата Турпан му покажа црвен картон и покажа на белата точка. Бразилецот погоди за 0:1, што некако го најави и расплетот на мечот.
Домашните успеаја да израмнат преку Халанд во 41. минута на 1:1, имаа неколку добри шанси во првите 10 минути од вториот дел, но до крајот резултатот остана непроменет. Реал во вториот дел остана без првиот голман Куртоа кој се повреди, но и резервистот Лунин ја оправда довербата со неколку блескави интервенции. На крајот радоста е за мадриѓани кои одат во четвртфиналето со вториот гол на Винисиус во последните секунди од продолжението на мечот.
ПСЖ вторпат го посрамоти Челзи, овој пат на гостински терен во Лондон. Парижани обезбедија нова висока победа од 0:3 и со вкупни (2:8) одат меѓу осумте најдобри. Момците на Луис Енрике дојдоа до водство со голот на Кваратсхелија во 6. минута, а веќе во 14. минута Баркола со еден фантастичен гол зголеми и на 0:2. Овие два гола за 14. минути испишаа анти-рекорд кај домашните. Челзи никогаш во ЛШ не примил два гола во првите 14 минути на некој натпревар.
Мајулу со погодокот во 62. минута ги постави конечните 0:3, по што навивачите на Челзи почнаа масовно да го напуштаат стадионот.
Арсенал ја спаси честа на англиските тимови вечерва. По елиминациите на Челзи и Манчестер Сити, лидерот во Премиерлигата се избори за место во четвртфиналето трета сезона по ред. „Топчиите“ на реванш дуелот со Баер (Л) пред своите навивачи имаа комплетна доминација, иако обезбедија победа од само 2:0. И тоа беше сосема доволно за пат меѓу осумте најдобри.
Езе во 36. минута го отвори резултатот со еден вистински „проектил“, додека печат на пласманот во следната рунда стави Деклан Рајс со уште еден убав погодок во 63. минута.