Кога ќе имаш многу, премногу пари за трошење, можеш да си дозволиш таков луксуз како што тоа можат во Манчестер Јунајтед.
Галатасарај се стреми да го засили својот состав во зимскиот преоден рок, а играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Мануел Угарте (24), е високо на нивната листа на желби. Според британските медиуми, клубот од Истанбул сака да го доведе уругвајскиот репрезентативец на шестмесечна позајмица, со можност за откуп на договорот на крајот од сезоната за 20 милиони евра. Угарте има одиграно 12 натпревари за Манчестер Јунајтед оваа сезона, но само три пати бил во почетниот состав, што Галатасарај го гледа како своја можност.
Угарте е познат по својот дефанзивен пресинг и вештина во пресретнувањето на додавањата на противникот, а токму таков играч бара тренерот на турскиот клуб, Окан Бурук. Во Галатасарај се надеваат дека можноста за играње во Лигата на шампионите би можела да биде привлечна за уругвајскиот играч од средниот ред. Дополнителен адут на турскиот шампион е фактот што еден Уругваец, Лукас Тореира, веќе игра во тимот, па клубот се надева дека неговите позитивни искуства би можеле да придонесат и за одлуката на Угарте да ја продолжи кариерата во Истанбул.
Угарте му се придружи на Јунајтед во летото 2024 година за 50 милиони евра од Пари Сен Жермен. Парижаните платија 60 милиони евра за него од Спортинг една година претходно.