Арсенал успеа да го обезбеди останувањето на еден од своите најважни фудбалери. Англискиот репрезентативец Деклан Рајс постигнал договор со лондонскиот клуб за продолжување на соработката до летото 2031 година, објавуваат англиските медиуми, повикувајќи се на информации од „Атлетик“ и ЕСПН.
Договорот сè уште не е официјално потпишан и објавен, но според информациите, принципиелна согласност е постигната по неколкумесечни преговори. Новата соработка ќе биде петгодишна и ќе му донесе значително зголемување на платата на 27-годишниот играч од средниот ред. Се очекува Рајс да се приближи до финансискиот статус на Букајо Сака, кој е меѓу најплатените фудбалери во клубот.