logo
logo
logo

Последниот танц на Гранде: Пандев е Македонија, Македонија е Пандев! (ВИДЕО)

Vecer | 20.06.2021

Последниот танц на Гранде: Пандев е Македонија, Македонија е Пандев! (ВИДЕО)

После две децении, утре навистина ќе биде крај. Горан Пандев утре против Холандија на “Јохан Кројф Арената“ во Амстердам, во меч од 3.коло во групата Ц на ЕУРО, ќе го одигра својот последен меч за Македонија. Последен пат ќе го облече светиот и најсакан дрес во неговата фудбалска кариера.

Гранде утре ќе го одигра 122 меч за репрезентацијата, тоа ќе му биде последен. Засега има 38 голови, да видиме дали утре на оваа бројка ќе додаде уште некој.

Јасно е, очекувано е. Па луѓе мои тој следниот месец ќе полни 38 години. Колку и да го сакаме уште во дресот на Македонија, сепак против некои работи не се може. Се чини го одбра најдобриот момент, простување од репрезентацијата на ЕУРО. Секако дека блескаво ќе беше тоа да го стореше на 11 октомври против Германија пред 35.000 фанови на Арената во Скопје, но рековме, мора да го сфатиме и самиот Горан.

ГРАНДЕ…МАКЕДОНИЈА ТИ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВА…

Утре ќе биде последниот танц на Гранде. За последен пат ќе уживаме, ќе се воодушевуваме на фудбалската генијалност на струмичанецот. На неговите генијални потези, на неговите голови. За тоа можеме само да му благодариме на сите оние радости кои ни ги приредуваше во изминатите две децении. Пандев е нашиот најдобар фудбалер во историјата. Пред него сме немале таков, по него, се надеваме дека ќе имаме и подобар. Тој нема да се лути, па и самиот денеска спомена дел од своите сегашни репрезентативни колеги како свои наследници.

Пандев е Македонија, Македонија е Пандев. Како ретко кој фудбалер досега, ние го имавме Горан како наша фудбалска икона, како човек, како спортист и фудбалер кој ги достигнал највисоките височини. Ја имаме таа среќа што сме негови современици, што ете во живо го следевме во изминатите 20 години како игра за Македонија.

ТБИЛИСИ, ДУИСБУРГ, БУКУРЕШТ…

За Гранде Пандев има уште многу да се пишува, ќе се раскажува за  него низ децениите што доаѓаат. Помладите генерации ќе се сеќаваат само низ видеозаписите на неговите настапи и голови, најважни во историјата на нашата репрезентација.

Горан постигна премногу за Македонија, но Спортмедиа издвојува три моменти, три голови на кои најмногу се радувавме. На кои цела нација беше во екстаза.

Се разбира прво на голот во Тбилиси на 12 ноември 2020 година, гол за победа во финалето на плеј – офот против Грузија, гол со кој се пласиравме на ЕУРО 2020.

На епската победа над Германија во Дуисбург со 2:1 на 31 март 2021 година, првиот гол беше негово дело.

И се разбира на 13 јуни 2021 година на ЕУРО, кога на првиот историски меч за нас на едно големо натпреварување, успеа да го постигне и првиот гол, кога израмни на 1:1 против Астрија.

Горане…мајсторе…ти благодариме што како никој досега направи од нас да се гордееме со репрезентацијата, со државата. Ни докажа и покажа дека Македонија е и фудбалска нација.

Се гордееме што те има(в)ме.

ТИ БЛАГОДАРИМЕ ГЕНИЈАЛЕЦУ…

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=v8sN-SFiy3g[/embed]

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk