Конечно. Ова е вистинскиот Реал Мадрид. Ова е најдобриот Реал оваа сезона. Сепак шоуто го “украде“ младиот Гонзало Гарсија со магичен хет – трик.
Реал го победи Бетис во Мадрид со резултат од 5:1 во натпреварот од 18-то коло на шпанската Примера.
Во моментот кога четата на Чаби Алонсо мораше да се справи без повредениот Килијан Мбапе, многумина беа скептични во врска со напаѓачкиот потенцијал на „кралскиот клуб“, но сите сомнежи ги разби ни помалку ни повеќе туку – Гонзало Гарсија, кого многумина го споредуваат со легендарниот Раул.
Токму тој го одбележа натпреварот на “Сантијаго Бернабеу“ на најубав можен начин, со совршен хет-трик, кој го постигна на исклучителен начин, постигнувајќи голови со левата и десната нога, како и со главата.
Бетис се држеше во шпанската престолнина цели 20 минути, колку што му требаше на 21-годишниот Гарсија да го матира беспомошниот Валес со глава по убавото центрирање на Родриго и да го постигне својот прв лигашки гол во дресот на Реал.
Таму каде што застана во првиот дел, Гарсија продолжи во вториот дел, играјќи во 50-тата минута кога постигна фантастичен гол откако ја фати топката со гради и ја испрати зад голманот на Бетис пред таа да падне на земја.
Совршениот час за домашните го комплетираше Раул Асенсио, дефанзивецот беше највисок во скокот по уште една асистенција од Родриго и го зголеми водството на „кралскиот клуб“.
Избраниците на Мануел Пелегрини не се предадоа ниту во тие моменти, бидејќи Кучо Ернандез ја искористи лошата дефанзивна позиционираност на Реал и го намали дефицитот на „зелените“.
Бетис не успеа да „погоди“ на крајот од натпреварот бидејќи во два наврати ја погоди стативата, прво Ло Селсо, а потоа и Рикелме, меѓутоа, по атрактивниот гол со петицата на Гарсија по додавање од Гулер, беше јасно дека Реал ќе победи убедливо.Кога Гонзало Гарсија го напушти натпреварот, заслужено доби овации од трибините, а неговото место го зазеде Фран Гарсија, кој ги постигна конечните 5:1 во третата минута од судиското продолжение.
Реал Мадрид ја зазема втората позиција на табелата во шпанската Примера со 45 бода, додека Бетис е шести со 28.