Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во „Дејли Клик“ на ТВ21 кажа дека е срамно однесувањето на еден поранешен надворешен соработник на ФФМ, кое на косовска телевизија кажало дека е „прв и последен Албанец порпарол во федерацијата“.
„Едно лице кое било вработено како надворешен соработник во ФФМ, на косовската ТВ се преставувале лажно. Тој рекол дека е прв и последен Албанец порпарол на ФФМ. Тој не бил порпарол, туку заменик портпарол и солидно бил платен за таа негова функција. Непотребно се пумпа некоја етничка омраза. Да отидеш да кажеш дека сум првиот и последен Албанец портпарол во ФФМ е лажно, срамно и некоректно“, рече Омерагиќ.
Тој зборува за одлуката Благоја Милевски и понатаму да остане селектор на „А“ репрезентацијата, и покрај тоа што се сметаше дека ќе биде сменет со новото раководство.
„Одлуката ја сметам за вистинска. Секој може да има свое мислење и да смета дека е правилно, но кога се работи за национален тим, одлуки се носат врз основа на факти. Во репрезентацијата има одлична атмосфера и факт е дека дечките функционираат феноменално. Јас имав можност сега да бидам со нив во Лихтенштајн, и навистина сум импресиониран од нив. Ова е одлична генерација на момци, и само имам пофални зборови“, вели Омерагиќ.
Зборуваше за квалитетот на играчите кои доаѓаат во Македонија, како и за фактот дека нашите фудбалери не се доволно ценети во македонските клубови, а кога ќе одат надвор потоа прават одлични кариери. Како примери ги посочи Миовски и Трапановски.
„Кај нас се се цени, само успех не. Погледнете го Миовски. Дали добиваше шанса кај нас, а стигна да игра во Лигата на шампионите. Или Трапановски. Не играше во Шкупи, а сега во Данди Јунајтед е еден од најдобрите. И има многу такви. А, во нашето првенство се носат играчи со сомнителни квалитети. Ди-џеи доаѓаат и ги претставуваме како одлични засилувања“, рече Омерагиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата