logo
logo
logo

На Сити му се заканува исфрлање од Премиер-лига: Пресудата ќе ја дознае до Божиќ?

Vecer | 17.12.2025

На Сити му се заканува исфрлање од Премиер-лига: Пресудата ќе ја дознае до Божиќ?

Манчестер Сити во својот најнов финансиско извештај објави новости поврзани со 115-те обвиненија за кршење на финансискиот фер-плеј (ФФП), додека и натаму со нетрпение се очекува конечната пресуда. Иако сослушувањето заврши пред повеќе од еден месец, клубот од „Етихад“ сè уште не знае дали ќе се соочи со санкции поради наводните прекршувања на правилата во деветгодишен период, од 2009 до 2018 година, пишува Goal.com.

Сослушувањето за наводните неправилности започна уште во септември 2024 година и траеше десет недели, но исходот сè уште е непознат. Долготрајноста на процесот предизвика бројни критики. Додека се чека одлуката, во јавноста сè погласно се шпекулира за можни казни – од одземање титули, преку драстично одземање бодови, па сè до исфрлање од лигата доколку Сити биде прогласен за виновен.

Клубот го прекина молкот во финансискиот извештај објавен оваа недела, во кој стои:

„На денот на објавувањето на овие извештаи, независната комисија сè уште е во процес на разгледување на предметот. Врз основа на својата проценка на изгледите и одржливоста на Групата, директорите потврдуваат дека имаат разумно очекување дека Групата ќе може да продолжи со работењето и да ги исполнува своите обврски во рок од 12 месеци по одобрувањето на овие финансиски извештаи. Следствено, финансиските извештаи се подготвени врз принципот на неограничено работење.“

Голем број фудбалски навивачи сметаат дека одлуката доцни. Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, уште во февруари изјави дека очекува „пресуда и казна“ во рок од еден месец, а неодамнешните гласини сугерираа дека новостите би можеле да пристигнат за време на репрезентативната пауза во ноември.

Објавувањето на пресудата нема да го означи крајот на оваа долготрајна приказна. Се очекува Манчестер Сити да поднесе жалба на каква било неповолна одлука, а во случај на победа на суд може да побара и отштета. И двата сценарија ќе водат кон нови правни битки и дополнителни одложувања. Од друга страна, и други клубови би можеле да побараат отштета доколку Сити биде санкциониран.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk