Компанија во Дорсет, југозападна Англија, соопшти дека се соочува со огромна загуба откако купила 18.000 маици со порака „Англија, победниците на Светското првенство во 2022 година конечно се дома“.
Англичаните настапот на Мундијалот го завршија во четврт-финалето против Франција губејќи со 2:1.
- Апсолутно сум шокиран што Англија беше елиминирана од Светското првенство. Сега ми останаа 18.000 маици на кои пишува дека победиле и не сум сигурен што да правам - изјави во соопштението за печатот Карл Бакстер, управен директор на Wholesale Clearance UK.
На овој начин Бакстер апелираше до навивачите сепак да го купат како „парче од историјата и потсетник за тоа колку добро тимот играше во текот на првенството“, пренесува Дејли Мејл.
- И покрај тоа што не победија, сепак тие се победници во моите очи.
- Толку бевме сигурни дека Англија овојпат ќе го освои Купот, што однапред ги објавивме нашите уникатни маици. Кога ќе се соочиме со Французите, нема да има запирање за Англичаните...или така мислевме!
Почетната цена била 29,99 фунти (околу 34 евра), но сега компанијата се обидува да ги продаде за само 9,99 фунти (околу 12 евра).
Дали навивачите ќе го послушаат апелот на компанијата, останува да видиме со оглед на тоа што на почетокот на првенството го изразија своето незадоволство од високите цени на дресовите, идентични на оние што ги носат играчите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата