Не ЛШ, не Суперлига, туку Лига на ПАРИТЕ. Како може понаку да се протолкува фактот дека ТОП 20 клубови во Европа имаат приход од 12 милијарди евра за минатата сезона.
Како и на почетокот на секоја нова година, се прави преглед на годината или сезоната што е зад нас. Познатата мултинационална компанија Делоит (Deloitte) од Лондон направи експертска анализа на приходите на клубовите во светскиот фудбал за сезоната 2024/25 и ја презентираше на јавноста под работен наслов „Фудбалска лига на пари 2026“.
Првиот заклучок е дека Топ 20 клубови на планетата оствариле вкупен приход од 12.400.000.000 (дванаесет милијарди и четиристотини милиони) евра, што е рекордна сума и прва од тој ранг во историјата на фудбалот. Ова е зголемување од 11 проценти во споредба со претходната сезона. Од тоа, 2.400.000.000 евра се остварени преку продажба на билети, 4.700.000.000 евра од телевизиски права и 5.300.000.000 евра од комерцијални права.
Реал Мадрид не би бил најголем во светот, доколку не беше на чело на колоната. Имено, откако успеа да создаде прилив од една милијарда евра за сезоната 2023/24, сега достигна речиси 1.200.000.000 евра, што е и рекорд за фудбалски клуб на глобално ниво. Од таа сума, 594.000.000 евра се влеале во касата на „бланкосите“ од комерцијална страна, првенствено преку профитабилни спонзорства и продажба на предмети со клупскиот грб. Интересно е што само оваа сума е доволна за да го смести Реал Мадрид во Топ 10 клубови со вкупно највисоки приходи во последната сезона.
Второто место го зазема Барселона, која генерирала вкупно 974.800.000 евра. Третото место го зазема Баерн Минхен со 860.600.000 евра, потоа следуваат Пари Сен Жермен (837.000.000), Ливерпул (836.100.000), Манчестер Сити (829.300.000), Арсенал (821.700.000), Манчестер Јунајтед (793.100.000), Тотенхем. (672.600.000), Челзи (584.100.000), Интер (537.500.000), Борусија Дортмунд (531.300.000), Атлетико Мадрид (454.500.000 евра), Астон Вила (450.200.000) Милан (410.400.000) Јувентус (401.700.000), Њукасл (398.400.000), Штутгарт (296.300.000), Бенфика (283.400.000) и Вест Хем (276.000.000) на 20-та позиција.