logo
logo
logo

КОМЕНТАР НА 33. КОЛО: И од премногу славење “ГЛАВА БОЛИ“...

Vecer | 17.05.2021

КОМЕНТАР НА 33. КОЛО: И од премногу славење “ГЛАВА БОЛИ“...

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Готово е. Заврши сезоната во ПМФЛ за 2020/21. Кога почна минатиот август ретко кој можеше да претпостави дека ќе заврши на овој начин и тоа поради пандемијата со Ковид-19. Ретко кој беше оптимист, но ете, и тоа мина. Со максимални напори на клубовите, на ФФМ, на сите оние кои сакаа да има прволигашки фудбал во Македонија, заврши. Е, сега за некој убаво, за некој неубаво, во зависност од вкусовите и од пласманот.

Шкендија е новиот првак на Македонија. Апсолутно заслужено, тука нема никакви дилеми. И се беше во ред вчера. Добар меч со Шкупи, потоа планови за доделување на пехарот, и наеднаш…се случи она што никој не го очекуваше. На сред пандемија се случи навивачи да влетаат во стадионот во Тетово, на трибините и да предизвикаат речиси полчасовен прекин. По многу натегања, убедувања, “балистите“ го напуштија стадионот и мечот се доигра. Потоа следуваше доделување на пехарот, медалите.

Се разбира дека можеме да претпоставиме како се осеќаа гостите во ложата, и тоа предводени од газдата на клубот Лазим Дестани. Тука беа високи претставници на Владата, потоа први луѓе на политички партии, па челниците на ФФМ. Навистина беше незгодно. Сега јасно е дека треба да се преземаат мерки, и не поради тоа да има казна и санкција по секоја цена, туку поради тоа на тие млади луѓе да им се “објасни“ дека живееме во време на страшна корона – криза.

Изгледа дека и од многу славење “ГЛАВА БОЛИ“.

СЕНЗАЦИОНАЛНАТА СТРУГА ТРИМ ЛУМ

Досега никој наш клуб за само шест години постоење не се дигнал толку бргу кон врвот на мак – фудбалот како Струга Трим Лум. Основана во 2015 година, втора сезона во ПМФЛ и оп, во Европа. Стружани навистина се успешна фудбалска приказна. Да си пред Македонија ЃП, Работнички, Ренова, Силекс…некогашните шампиони, секако дека тоа не е мала работа. Честитки за Струга ТЛ.

Беласица и Вардар испаднаа, додека Ренова и Силекс ќе гледаат тоа да не им се случи и преку баражот ќе се обидат да се спасат. И двете екипи чекаа кикс во последното коло на А. Пандев, но струмичани се премногу квалитетни за да си дозволат во последен момент да не ја искористат шансата.

Ќе има многу анализи, укажувања, што и како беше во изминатата сезона.

Сега едвај ја чекаме следната во која, штета, ќе го нема Вардар, но затоа како освежувања тука се Брегалница и Скопје.

И едвај ја чекаме таа битка од истребување меѓу Шкендија и Шкупи за тронот на мак – фудбалот.

Се разбира ако во меѓувреме некои работи во мак-фудбалот и воопшто во Македонија не се променат, на подобро или на полошо.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk