logo
logo
logo

КОМЕНТАР НА 21.КОЛО: “Пандевци“ и Васоски конечно победија, заморот кај Вардар и кусата струмичка “приказна“ на Ѓоре

Vecer | 04.03.2021

КОМЕНТАР НА 21.КОЛО: “Пандевци“ и Васоски конечно победија, заморот кај Вардар и кусата струмичка “приказна“ на Ѓоре

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Трета среќа очигледно за Академија Пандев и нивниот тренер Александар Васоски оваа пролет. Првата победа струмичани ја извојуваа вчера во меч од 21.коло или трето пролетно и тоа против Македонија ЃП. Добра, квалитетна партија на силниот состав по имиња на овој тим, но исто така и многу напор вложен од страна на играчите на Васоски за да се дојде до целта. Можеме само да замислиме што ќе беше ако и овој меч не се добиеше, посебно по победите на Ренова и Борец.

Сега полесно се дише кај “пандевци“, работата тргна, и кога екипата ќе се комплетира ќе биде уште подобро. Тука нема дилеми. Јасно е дека овој тим ќе избори опстанок, премногу е квалитетен за да се случи спротивното.

Вардар пак наиде на разиграната Ренова која на овој меч влезе на се или ништо, и доби се. Дури вардарци можат да бидат задоволни со тие 0:3. Колку шанси имаа Селмани и другарите секако дека и добро минаа. Олигледно е дека стравувањата кај фановите, кај тренерот Џиџи Илиевски се обистинија. Вардар речиси и да нема клупа, и кога ќе почне серијалот мечеви недела – среда- недела ќе дојдат проблемите. Така и беше, посебно кога дојде и исклучувањето на Рдуловиќ – Величковиќ. Голема мака ќе си има Вардар да избори опстанок.

И кога сме кај тој опстанок да го споменеме и заминувањето на Ѓоре Јовановски од Беласица. Вест која СПОРМЕДИА прва ја објави со потврда на самиот Ѓоре, и причините за тоа.

Навистина кусо траеше неговата струмичка „епизода“. Само неполни два месеци, или само три меча.

И очекувано, реално, па дури авторот на овој текст не веруваше дека Ѓоре ќе издржи до јуни, познат е карактерот на еден од нашите најпознати тренери и екс селектор. Ѓоре си има свои принципи на работа кои некогаш се косат со оние на раководствата на клубовите, токму затоа нам ни изјави дека тој и управата на Беласица не се на иста бранова должина.

ШКЕНДИЈА СЕ “ИЗВЛЕЧЕ“ НА АРЕНАТА

Работнички и Шкендија во дербито не блескаа. Сепак реално Работнички беше подобар тим, имаше повеќе шанси за победа. Шкендија ја видовме како се брани, и тоа за првпат после многу време. Тимот на Влахо мораше овој меч да го добие и уште да им се приближи на Македонија ЃП и Струга ТЛ кои вчера загубија.

За она во 93 минута во Струга што да се каже? Дали Ѓуриќ бил удрен, дали Пејаковиќ постигна регуларен гол, дали ова, дали она. Се разбира дека последна е на судијата, за тоа дали тој направил кикс или не, ќе кажат надлежните. Но жестоката реакција на домашните навистина беше очигледна.

А и самиот Ѓуриќ е виновен, таа топка требаше подобро да ја “собере“, не смееше да му даде шанса на Пејаковиќ да му ја избие. На прв поглед неговиот кикс е очигледен, тука нема дилеми.

Шкупи по триумфот во Кратово покажа дека нема намера така лесно да и ја даде титулата на Шкендија. Пак таа разлика е само шест бода, а како игра Шкендија се е можно. Се чини дека тетовци и да сакаат не можат да го подигнат нивото на својата игра, со тој тренер тој е лимитот.

Сега Шкупи е на потег.

И сосема за крај за Борец. Ретко кој очекуваше дека велешани по три кола ќе соберат дури 4 бодови. Дека ќе загубат само од Шкупи и тоа во самиот финиш. Оние кои му предвидуваа на овој тим дека ќе се сели во Втората лига, се чини дека силно се излажаа.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk