Ламине Јамал испиша рекорд во Лигата на шампиони. Тој стана најмладиот играч кој на 17 години и 241 ден постигнал гол и запишал асистенција на еден меч во елитното клупско натпреврување. Тој во 11. минута асистираше до Рафиња за 1-0, а потоа во 27. минута самиот постигна гол за предност од 2-1 за „Каталонците“.
Поранешниот англиски фудбалер и легенда на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд (46) го изрази своето воодушевување од младиот шпански фудбалер. Фердинанд ги сподели своите размислувања за Јамал на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), пишувајќи: „Никогаш во животот не сум видел нешто слично на него на оваа возраст. Никој не го прави тоа што го прави на исто ниво со таква доследност!“
Ламине Јамал, младиот талент на Барселона, веќе стана светска сензација во фудбалските кругови. На само 16 години Јамал се етаблира како клучен играч за каталонскиот клуб и шпанската репрезентација. Тој и Барселона вчера влегоа во четвртфиналето на Лигата на шампионите со вкупни 4:1 против Бенфика.
Оваа сезона Јамал има 12 гола и 17 асистенции на 37 настапи за Барселона, а според Трансфермаркт вреди 180 милиони евра. Барселона во четвртфиналето ќе игра против подобриот од Лил и Борусија Дортмунд.