Франција го доби големото вечерно дерби од премиерното коло во квалификациите за Евро 2024. Вечерва во меч од групата „Б“ на „Стад де Франс“ Французите ја „прегазија“ Холандија со 4:0, а првите три гола беа постигнати за само 20-тина минути на стартот на мечот.
Светскиот вицешампион поведе уште во втората минута, откако Мбапе му асистираше на Гризман, а Гризман погоди за 1:0. Франција го удвои водството во осмата минута преку Упамекано, а Мбапе во 21. минута зголеми на 3:0. Конечните 4:0 ги постави Мбапе со гол во 88. минута.
Холандија можеше да постигне утешен гол, но во петтата минута од судиското надополнување, Депај промаши пенал. Во истата група Грција гостуваше кај Гибралтар и оствари очекувана победа (0:3).
Во групата „Е“, Чешка изненадувачки лесно извојува убедлива победа над Полска со 3:1. Уште на стартот за нешто повеќе од 2 минути Чесите со головите на Крејчи и Цванчар водеа со 2:0. Неволјите за Полјаците продолжија и во деветтата минута кога повредениот Кеш мораше да си замине, а во игра влезе Гамни. Се што успеа да направи Полска до крајот на мечот беше да постигне утешен гол, а тоа се случи во 87. минута кога Шимански погоди на асистенција на Скорас. Ова беше кошмарно деби за Фернандо Сантош на полската клупа. Фарските Острови кои за два дена доаѓаат во Скопје, одиграа 1:1 на гости во Молдавија.
Во Белград вечерва Србија успешно ги започнаа квалификациите со победа над Литванија од 2:0. Душан Тадиќ и Душан Влаховиќ беа автори на победата на „орлите“, кои на најдобар можен начин ја најави средбата против Црна Гора која ќе се одигра в понеделник во Подгорица.
Во групата „Ф“ одличен почеток за Австрија и Белгија. Австријците дома со 4:1 беа подобри од Азербејџан, додека Белгија на гости ја совлада Шведска со 3:0.