Во СЦ „Борис Трајковски“
Двојна одбојкарска програма, а една желба – ПОБЕДА!

Машката и женската одбојкарска репрезентација на Македонија денеска имаат свои настапи во Европската златна, односно сребрена лига. Први на теренот во „Борис Трајковски“ ќе истрчаат девојките, а потоа на ред се и мажите.
Одбојкарите ја пречекуваат Белгија вечерва со почеток во 20:15 часот во рамки на 2.коло од Златната лига во групата Б. На првиот натпревар загубивме од Украина на гостувањето во Лоѓ со максимални 3-0. Во првите два сета бевме достоен ривал на Украинците, но не и во третиот кога бевме убедливо надиграни со 25-11.
Вечерашниот наш противник Белгија стартуваше победнички во групата со победа од 3-1 дома против Хрватска. Се работи за квалитетен ривал, кој сигурно атакува на првото место во групата. Македонија овие натпревари од Златната лига ги гледа како своевидна подготовка за Европското првенство кон крајот на летово, кога сме едени од ко-домаќините. Селекторот Јошко Миленковски ќе има време и да го воигра тимот, но и да ги поправи грешките за турнирот на кој ќе треба да се покажеме во најдобро светло.
Девојките денеска од 17:30 часот ја пречекуваат Летонија во Сребрената лига. На првиот натпревар против Австрија, одбојкарките загубија со 3-0, но имаа светли моменти во кои покажаа дека им е потребано само малку повеќе искуство на меѓународната сцена за да го покажат својот вистински квалитет. Летонија во првото коло исто така загуби, но освои еден сет против Естонија.