logo
logo
logo

Дерби си е дерби: Металург го испоти Вардар како никој сезонава

Vecer | 17.04.2021

Дерби си е дерби: Металург го испоти Вардар како никој сезонава

Градското дерби во Автокоманда и овој пат имаше што да понуди.  Металург одигра одличен натпревар, покажа дека дуелите со Вардар 1961 секогаш се посебни, а мотивот голем, без разлика какви се силите на теренот.

Победникот ги решија техничките грешки, „металурзите“ ги направија многу во моментите кога изедначуваа и кога имаа шанса да дојдат до поголемо водство. На крајот гостите заминаа со седмата победа во низа, славеа со 27-31, но добро се испотија за бодовите.

Домашниот состав не му дозволи на противникот лесно да го реши мечот, напротив беше истраен, изгледаше далеку подобро од претходно. Предноста се менуваше постојано, два гола беше најголемата позитива за „црвено-црните“ во овој период, на другата страна Металург во 27. минута имаше плус три (14-11).

Вардар успеа да се врати со серија од 1-6 поведе со 15-16 на стартот на второто полувреме. Серија на грешки на ракометарите на Металург му отвори простор на Вардар, со четири гола во низа за првпат поведе со 19-23. Дупјачанец влезе во серија на одбрани, Додиќ и Хорват намалија на 21-23 на средината на вториот дел, беше и 23-24.

И одново домашниот состав влезе во нова серија на грешки, кои против Вардар не се дозволиви, па негативата беше 24-29 во 54. минута. Металург не успеа да се избори за бод, но одигра меч за пофалба, Алушовски не успеа да им даде шанса на помладите како во претходните мечеви во домашниот шампионат.

Дибиров со седум и Чупиќ со шест гола беа најефикасни кај победникот, на другата страна Хорват имаше седум погодоци, по пет запишаа Клуѓеровиќ и Серафимов, одново добра партија пружи Дупјачанец со десет одбрани.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk