logo
logo
logo

Анализа – Виктор Треневски: Мечот со Холандија е многу важен за нас!

Vecer | 20.06.2021

Анализа – Виктор Треневски: Мечот со Холандија е многу важен за нас!

Виктор Треневски, поранешен репрезентативец на Македонија, некогашен фудбалер со успешна кариера, сега тренер, како коментатор на Спортмедиа за ова ЕУРО 2020, има свое видување за тоа што и како со Холандија. Исто така се навраќа на дуелот со Украина и за атмофсферата што нашите фанови ја направија во Букурешт.

“Некој ќе каже сега, па добро, немаме шанси за следната фаза на ЕУРО, нема што многу да бараме во Амстердам на утрешниот меч со Холандија. Напротив, јас сметам дека овој последен натпревар за нас на ЕП е многу важен, е премногу важен за нас. Без разлика со кој состав ќе игра противникот, ние мора да го сфатиме максимално сериозно, па така сега ослободени од притисокот би требало да одиграме најдобро што знаеме, и секако да освоиме некој бод. Тоа за нас ќе биде фантастичен успех. Се виде дека кога играме без притисок тогаш сме најдобри“ ја започна својата анализа Треневски.

СМЕТАМ ДЕКА ОВАА ГЕНЕРАЦИЈА Е ПРЕДОДРЕДЕНА ЗА 4-2-3-1…

За тоа како го виде мечот со Украина, и што мисли дали Ристовски треба да игра како десен офанзивен бек или стопер, Треневски одговори.

“Свесен сум дека таа формација 3-5-2 која ја форсира Ангеловски досега, во Лигата на нации донесе успех. Но, јас сметам дека оваа генерација на играчи е предодредена за 4-2-3-1 или 4-4-2, или 4-1-4-1. Важно е да имаме “четворка“ позади, во таа задна линија. И тогаш Ристовски како десен офанзивен бек би дал повеќе. Вака се прават компромиси,  и кога е така, тогаш се случува ова што се случува. Дали Трајковски требаше да игра отпочеток? Па, не сум баш сигурен дека Алекс ќе одиграше во првото полувреме како што одигра во второто. Да, тој беше одличен, но кога одлична беше целата екипа во тој период од мечот. Ние со Украина влеговме со голем психолошки товар. Лошо беше, тука нема збор. Елиф трчаше како мува без глава, без потреба се трошеше. Се виде дека ни фали тој физички дел кај некои играчи кои во своите клубови не играат доволно. Потоа едно е желбата, мотивот, емоциите. Тие во фудбалот се важни, но секогаш победува студената глава, смиреноста. Од сите тие само Горан беше смирен, е тоа е тоа негово големо искуство кое го има во себе, а другите го немаат“.

УКРАИНА ЧЕКАШЕ, А НИЕ НАПАДНАВМЕ…

Треневски уште се задржува на овој натпревар, сега го коментира вториот дел.

“Се гледа дека стручниот штаб на паузата добро си од одработил својата работа. Во вториот дел влеговме без тој притисок, и кога е така бевме одлични. Па и малиот Чурлинов беше добар, кога играш слободно секако дека ти е полесно. Сепак, сепак ајде да бидеме реални. Во тој дел од мечот Украина подзастана, немаше потреба да “брка“ и да игра пресинг. И ние тоа го искористивме. Затоа беше така како што беше. Штета, можевме многу лесно да дојдеме барем до бод. Во тој дел од средбата се покажа дека оваа селекција поседува квалитет и покажа зошто игра на ЕУРО 2020, дека не е залутана“.

СЕ ЕЖЕВ КОГА ГЛЕДАВ КАКО СЕ НАВИВА ЗА МАКЕДОНИЈА

Тој не заборава да ја пофали и атмосферата што нашите фанови ја направија во Букурешт, и на самите мечеви, но и во градот кога не се играше фудбал.

“Иако не бев таму во Букурешт, од она што можев да видам, да слушнам, навистина ми беше мило. Бев горд на Македонија, просто се ежев од тоа како се навива за Македонија. Секоја чест за фановите и едно големо БРАВО  за сите нив. Таква поддршка кон својата репрезентација, таква еуфорија, таква љубов кон репрезентацијата и својата држава те тера да бидеш горд што си Македонец. Се разбира дека за целосна анализа ќе почекаме да заврши утрешниот меч со Холандија. Има време за тоа. Сега ќе кажам дека ова за нас е историски настан, историско учество кој во иднина треба да се надоградува. Имаме неспорен квалитет, само треба работа. Бидете уверени дека оваа генерација и натаму ќе ги радува своите фанови и ќе не прави да сме горди. Сосема за крај, утре треба да одиме на победа, со сите сили да нападнеме, да покажеме дека знаеме да играме фудбал. Без разлика дали ќе победиме или ќе загубиме ова учество на ЕП за нас ќе биде успешно и историско“ заврши Треневски.

 

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk