logo
logo
logo

Агелер, новата американска амбасадорка во Македонија: ЌЕ ПОМОГНАМ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

Vecer | 30.07.2022

Агелер, новата американска амбасадорка во Македонија: ЌЕ ПОМОГНАМ ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

Американската дипломатка Анџела Прајс Агелер, која е номинирана од претседателот Џо Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје, изјави дека ќе и помогне на Македонија да развие стратегија за поефикасна борба против корупцијата, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот. Понатаму, таа кажа дека ќе работи на поддршка на земјата да стане поотпорна на штетни влијание од трети страни, посочувајќи ги Русија и Кина.

„САД и Северна Македонија делат многу заеднички приоритети, вклучувајќи ги борбата против корупцијата, подобрување на владеењето на правото и зајакнување на доброто владеење. Ако бидам потврдена, ќе ги охрабрам судските реформи и ќе ги повикам институциите на Северна Македонија да промовираат транспарентност, да ги истражат наводите за злоупотреби и одлучно да се спротивстават на корупцијата за да ја зајакнат довербата на јавноста во владеењето.

Ќе работам со меѓуагенциските партнери за да и помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија која ефективно ќе бара одговорност од корумпираните актери. Ако бидам потврдена, ќе работам на поддршка на економската иднина на Северна Македонија преку политики за зајакнување на нејзината инвестициска клима, зајакнување на инфраструктурата, подобрување на енергетска диверзификација и безбедност, како и на градење отпор на штетни надворешни влијанија, вклучително и од Русија и Кина“, рече Агелер.

Бајден на 9 јуни лани потпиша Извршна наредба за замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан, вклучувајќи и лица кои се вмешани во корупција.

На 22 април годинава, САД ги стави на црна листа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција.

Потоа на сослушувањето, одговарајќи на прашања од сенаторите, Агелер кажа дека има голем број иницијативи за чиста енергија кои ќе и помогнат на Македонија да се оддалечи од зависноста од руски гас, посочувајќи го како пример поврзувањето со гасовод со Грција.

Агелер беше номинирана од Бајден да биде нова амбасадорка во Скопје на 26 мај. Досега таа беше в.д. амбасадорка и заменичка на амбасадорот во Исламабад, Пакистан. Претходно има работено на разни функции во Стејт Департментот и во амбасадите во Париз, Ханој, Њу Делхи и Будимпешта, како и во амбасадата во Скопје, задолжена за односи со јавноста.

Дипломирала на Универзитетот во Јута, а покрај англиски, зборува француски, македонски и хинди.

Прајс Агелер, по потврдувањето на нејзината номинација во Сенатот, ќе дојде на местото на Кејт Мари Брнз, која беше назначена за амбасадорка во Скопје во мај 2019 година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk