„Работата е најдобра ресоцијализација. На тој начин што ќе оспособиме осудени лица или осуденички и ќе им дадеме занает, ние ќе им дадеме начин како кога ќе излезат од затворите да приходуваат за сопствениот живот, а да не се враќаат на криминалот“.
Вака вели директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов и нагласува дека веќе година и половина, како е на функцијата, работат да се смени начинот бидејќи „за жал сега доаѓаат да ја одлежат пресудата, а не да ја одработат“.
Пандов, кој денеска заедно со претседателот на Затворот „Идризово“ Зоран Јовановски оствари средба со Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, посочи дека првпат во историјата на Република Македонија, претседател на држава е дојден во посета да види работно ангажирани осуденички.
– И тоа е голема чест и за затворскиот систем, за Управата за извршување санкции, за самиот затвор Идризово. И јас, ќе ми дозволите повторно да го кажам она што го кажа и претседателката, а тоа е дека сум длабоко уверен, а сега после овие година ипол директорување во Управата имав можност да посетам неколку држави и повеќе затвори. Работата е таа којашто е најдобра ресоцијализација – изјави Пандов.
Пандов посочи дека во секој затвор има работно ангажирани луѓе коишто се грижат околу самиот затвор, меѓутоа економски a има во помалку повеќе во секој затвор, посочувајќи дека со реконструкцијата на Затворот „Идризово“, освен шивална, ќе имаат работилници и за столарија и за металургија.
– И сега ако имало претходно наследени три, да речеме, три добитока, сега има, зголемена е таа бројка, потребно е време. Ако немало никаква фарма, сега е изградена фарма. Она што постојано го кажував. Ние претходно како затворски систем едно јајце не произведуваме што е едноставна работа. Треба да се направат кокошарници, и да се купат кокошки, да се ранат. Сега тоа е сменето во не толку мал дел од затворите веќе тоа е придвижена работа. И јас ве уверувам дека тоа од година во година ќе биде сè поголем број, а со завршување догодина кога ќе почне да се гради втората фаза во затворот Идризово, предвидени се и објекти каде што ќе имаме и столарија и металургија, текстилна фабрика, каде што ќе се произведуваат и облеки, и за затворениците и за затворската полиција. Можеби во идно време постелнини, сето тоа. Секакви потреби коишто имаат затворите, самите затвори да го произведуваат тоа – изјави Пандов.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети шивачката работилница, којашто функционира во рамките на женското одделение во КПУ-КПД Идризово, Скопје, каде оствари разговор со осуденичките, кои се вклучени во процесот на шиење и везење.
Осуденичките ја запознаа претседателката со нивните работни активности, мотивацијата и желбата за работа, инспирацијата и стекнатите вештини, и лично ги претставија своите изработки – торби, марами и несесери коишто се продаваат надвор од затворот под логото „везење надеж зад решетки”.
Шивачката работилница, којашто за првпат е отворена на иницијатива на модната дизајнерка Ирина Тошева, истовремено и менторка на осуденичките, Сиљановска-Давкова ја оцени како позитивен модел на ресоцијализација, самоодржлив, но и профитабилен.
Според претседателката, ресоцијализацијата е една од клучните цели на казнено-поправниот систем, посочувајќи дека казната не е само изолација, туку и подготовка на осудените лица за одговорно и активно вклучување во општеството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата