logo
logo
logo

Славниот Ангелковски: ЖИВОТ СО ИГЛА И КОНЕЦ

Vecer | 06.03.2021

Славниот Ангелковски: ЖИВОТ СО ИГЛА И КОНЕЦ

Скопје во 2015-та остана без уште едно големо име, без маестралниот кројач Благоја Ангелковски, човекот кој од 1950-та година ги поставуваше стандардите за совршен крој, за современ костум сошиен по мерка, човекот кој го кроеше модерното лице на градот.

Да се биде успешен кројач педесетина години наназад не е лесно. Тоа може да се постигне со многу труд. Благоја Ангелковски е име што се поврзуваше со квалитет, професионалност, сигурност за што зборуваше и рејтингот на неговите клиенти.

Речиси сите амбасадори во градот и тоа почнувајќи од германскиот, американскиот, италијанскиот, францускиот бугарскиот, данскиот, како и нивните советници, гордо ги носеа неговите елегантни костуми. Во долгата редица на клиенти се вбројуваат и нашите политичари, естрадни уметници, глумци, меѓу кои и поранешниот претседател Киро Глигоров и владиката Михаил.

“Веќе 54 години како активно работам, по повеќе од 12 часа дневно. Иако имам 70 години, се; уште, не сум подготвен да ги почнам моите пензионерски денови. Понекогаш се случува само по четири часа да спијам во денот, но тоа не ми пречи, бидејќи добро ме служи здравјето”, изјави мајсторот на иглата и конецот Благоја Ангелковски.

Тој појасни дека граѓаните сакаат квалитет и тој секогаш тоа им го дава.

Во занаетот нема среќа, треба постојано да се работи и да се биде креативен. Мојата работа, пред се, е дирекно поврзана со уметничко креирање. Во периодот кога уште живеевме во Југославија подготвував и модни ревии, често победував и тие потоа се прикажуваа низ државата.

Стариот мајстор гордо раскажуваше дека уште како дете кај него се родила желбата да биде кројач. Во домот имале машина за шиење и наместо да си игра со децата, тој постојано ја чистел и и се воодушевувал. Сакал да работи рачни работи, па многу често плетел заедно со мајка му. Во тајните на шивачките вештини го вовеле мајстор Доне и Трајко, каде што почнал да го изучува занаетот.

Тие веднаш увиделе дека се работи за талентирано момче.

Првиот негов дуќан што бил лоциран во центарот на градот, во близина на сегашното кино “Култура” се викал “Мода”.

Како што велеше Ангелковски, во тој период (шеесетите години) скопјани почнале да ја следат модата на европските метрополи. Во 1961 година, го изградил кројачкиот дуќанот што и ден-денеска постои на булеварот “Партизански одреди”, што го нарекол Ангелковски.

Вештиот кројач изјави дека во тој период најредовни клиенти му биле Драган Мијалковски, Славе Димитров, Александар Џамбазов, Шпато, но за него особено драг му бил актерот Петре Прличко.

“Имам пријатели насекаде, сите ме ценат и ме препорачуваат како кројач со врвен квалитет. Па оттаму и мојата сегашна популарност кај странските диполомати, кај мене доаѓаат да шијат свечени костуми дури и од Косово. Ако на клиентот му се брза, можам и за една недела да му го сошијам бараниот костум”, вели Ангелковски.

Но зад секој успешен човек секогаш стои неговото семејство. Мајстор Благоја се гордееше со нив, со сопругата Гордана, синот Борко и ќерката Јулијана, кои му подарија пет прекрасни внучиња што дополнително му го разубави животот.

Годините не ми се важни, велеше Ангелковски, секој ден станувам рано и по час и половина пешачам. Три до четири пати во неделата рекреирам на падините на планината Водно, од каде што чинам ја црпам мојата животна енергија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk