logo
logo
logo

Шопинг во Скопје, зошто мол а не дуќан и бутик

Vecer | 25.11.2021

Шопинг во Скопје, зошто мол а не дуќан и бутик

Еден мој познаник секое утро, кога има бесплатен автобуски превоз, брза уште во раните утрински часови да стигне до еден од најголемите трговски центри во градот. Зошто? „Таму е сѐ поевтино“ вели, „минувам повеќе километри за да стигнам, но се исплати“.

Ова ме потсетува на старата скопска девиза, купи две плати едно, или купи повеќе плати помалку, за што вреди човек да се жртвува за да се снабди поевтино. Бидејќи трговскиот центар што го спомнува познаникот не е толку одамна отворен, можеби цените навистина се пониски.

Скопје во последно време, што се однесува да отворањето на трговските центри, сега познати како молови, е во експанзија. Еден светски познат архитект, кој се занимава со социолошкиот и културолошкиот аспект на проблемот, во една неодамнешна статија дава прецизна дијагноза за трговските објекти, а таа анализа и нас не засега. Имено, во трговските центри на запад „се продава сето она што некогаш се продаваше по разните дуќани и продавници за најразлични домашни потреби.

Целата продажба, па дури и занаетчиите се обединети под еден покрив, за потрошувачите на едно место да имаат се што им е потребно. Но од друга страна, сопствениците на малите дуќани, не можејќи да ја издржат конкуренцијата, принудени се да ги затвораат. На тој начин им се загрозува егзистенцијата, а парите се слеваат во големите трговски синџири“. Неодамна на Фејсбук прочитав дека и нашите ситни трговци негодуваат за тоа.

И сега, што да се прави? Што добивме, а што загубивме со големите трговски центри? Добивме многу, сигурно. Добивме чекор со современиот свет, модерен начин на услуга, репрезентативни објекти, заживување на некои аспекти на културата, како што се киното и филмската уметност, на пример. Но нешто и загубивме, а колку и што, допрва ќе се анализира. Спомнатиот архитект потсетува на почетоците и репрезентативноста на тие зданија, кои се градеа во центрите на градовите, укажувајќи на париските магазини „Прентан“, „Лафајет“, „Бо марше“, или на американскиот синџир „Бест“.

Се споија архитектурата и трговијата, и газдите се повеќе бараат од архитектите да градат раскошни зданија. Како најнов пример се посочува комерцијалниот центар „Бокузе“ на една сообраќајница помеѓу Париз и Нант, далеку од градските центри. И ние во тоа не заостануваме, погледнете колку трговски и шопинг-центри има само на сообраќајницата помеѓу Скопје и Гостивар. И патиштата станаа вистинска мека за трговските центри.

Но нешто да не заборавиме, а тоа е традицијата. Најголем трговски центар во Скопје беше Старата чаршија. Така требаше и да остане, но не остана. Неа ја запустивме од тој аспект, не заради трговските центри, туку од многу други причини. Но трговските синџири денес ѝ се силна конкуренција на чаршијата, а тоа ќе бидат и понатаму.

Од друг аспект, во чаршијата речиси ги нема услужните дејности. Таму ќе треба да побарате услуга од кројач, чевлар, саатчија, столар, фотограф, лимар, водоинсталатер, бравар, казанџија, но сѐ потешко. Парадоксално, но вистинито, во супермодерен скопски маркет, денес ви се нудат услуги од класичен чевлар, чие искуство води до далечната чаршиската кондураџиска традиција. Но, добро е, ќе речете, сепак се движи. Во педесеттите години во Скопје на глас беше познатиот магазин „НА-МА“ на плоштадот.

Веќе на почетокот на шеесеттите години, непосредно пред земјотресот, беше отворена стоковната куќа, која претставуваше вистински бум во однос на трговските стандарди. Стоковната куќа (1962), е еден од првите модерни трговски центри во Скопје. Ги имаше првите ескалатори во бивша Југославија, и најсовремените модни дезени и понуди од сите области. Од тоа време датира и стоковната куќа „26 Јули“ на Бит-пазар, но многу поскромна според снабденоста и квалитетот.

Веќе во 1970-тите и 1980-тите години, состојбата рапидно се измени, а трговските центри постојано никнуваа: ГТЦ, „Мавровка“, „Беко“, „Беверли Хилс“, „Лептокарија“, па до денешниве, кои, рака на срце, не можеме сите ниту да ги наброиме. Некои од нив, сепак, не смееме да испуштиме: „Веро“, „Сити мол“, „Рамстор“, „Капитол“…

Како и секогаш, конкуренцијата е безмилосна, маркетингот доби статус на наука, а девизата купи две плати едно е се поактуелна. Впрочем, таа девиза е длабоко вкоренета во нашата потрошувачка традиција и психологија. Светските трендови сигурно и натаму нема да не одминуваат, а предвидувањата гласат: да се градат блескави трговски зданија на чиј сјај не ќе можеме да одолееме. Но и на монументалноста и мултифункционалноста, пред која ќе се најдете како „пред кит што неодоливо ве привлекува да се приближите и да го разгледате“. Таквите уште поблескави објекти сигурно и нас нема да не одминат во иднина. Наспроти чаршијата, која полека ја губиме и на која тешко ќе и го вратиме некогашниот статус на најголем трговски центар на Балканот.

(Данило Коцевски)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk