Поранешниот висок функционер на СДСМ, сега самостоен градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, во Скопје ја промовираше новата партија „Знам“.
На средба со новинарите беше потпишана иницијативата за формирање на партијата од претставниците на 10 граѓански здруженија. Со тој чин тие дадоа поддршка движењето да прерасне во политички субјект.
Пред потпишувањето, на говорница излезе писателот Венко Андоновски, а потоа и професорката Катерина Тодоровска.
Димитриевски, повикувајќи се во говорот на сојуз со народот, рече дека Македонија не треба да биде приватна држава во сопственост на поединци. Како и сите досегашни основачи на нови партии и актуелни и бивши лидери на политички субјекти, и тој кажа дека ќе се залага за департизација на судството, на полицијата, обвинителството и на сите институции.
За членови на Извршниот одбор изберени се: Генерал Павле Арсоски, Жанета Делова и Игор Филков, членови на Надзорен одбор се: Ристо Николовски од Прилеп, Марјан Петковски од Куманово и Урош Милошевски од Скопје.
„На собранието присуствувале поддржувачи од целата држава. За дел од работното претседателство изберени се проф. др. Катерина Тодороска и Емил Јанески, а на предлог на госпоѓа Жанета Делова, претседателка на Здружението "Тиквешка заедница за напредок и просперитет", Максим Димитриевски е избран за претседател на политичка партија Движење ЗНАМ - За Наша Македонија“, соопштуваат од партијата.
Мотото на партијата е „Македонија се буди! Време е за промени!“
Лидерот на движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски зборуваше за идеолошкиот настап со кој ќе се појави на политичката сцена на претстојните парламентарни избори велејќи дека партијата припаѓа на политичкиот центар, со свои специфики:.
- Моите ставови се левичарски, особено во делот на економската и социјалната политика во државата. Што се однесува до националниот пристап, тој оди кон центар и повремено десно затоа што не е забрането некој да биде патриот. Тоа што некои патриотизмот го поистоветуваат со национализмот е нивен проблем, а не мој. Моите ставови се дела, ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик и имаме своја историја - вели Димитриевски.
Димитриевски посочува дека тие се граѓанска опција која доаѓа директно од граѓаните, на иницијатива на граѓаните и дека доколку ја добијат довербата од граѓаните ќе бидат фактор што ќе го постигнат националниот консензус што го постигнаа во Куманово.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата