Има корупција и криминал во сите системи на државата но, се чини, најголемите и најосетливите кои засегаат најголем број граѓани - има во здравството. Фондот за здравство самостојно располага со најмногу пари во државата, и оттаму е најголем магнет за корупција , криминал кој е закана за буквално секој жител во држвава.
Следната година Фондот за здравство ќе има <b>буџет во износ од 753 милиони </b>евра, што е за 46,6 милиони евра повеќе во однос на годинава.
Кога СДСМ и ДУИ ја преземаа власта <b>буџетот на Фондот за наредната 2018. година беше 500 милиони евра</b>. Две години подоцна, во јуни 2020-та јавноста со слика и видео можеше да следи како тогашниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев товари цели штеки евра во ташната
<b>Почна со Ден Дончев, и секако Заев</b>
Три аудио и уште една видео-снимка на која се слуша гласот на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев се објавени на Јутјуб, на линк наречен „Лепливи раце “. На линкот има и видео-снимка од која може да се забележи како Дончев зема пари и ги става во торба.
Објавите открија релација меѓу поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев и приватна компанија, каде тој се обидел да одбрани одреден нејзин интерес со помош на институциите. Според содржината на разговорот, Дончев говори за компанија „Тотал ТВ“ која се занимава со продажба на сателитски ТВ сервиси.
Случајно или не, токму тоа време United Group, водечки телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, во чиј состав во Македонија функционира Тотал ТВ, стана сопственик на бугарската на компанијата Vivacom во која дел е и македонската Тотал ТВ.
United Group, инаку е фирма со телевизии, портали и ТВ оператори за која се смета дека е под доминантна сопственост и контрола на српскиот тајкун Драган Шолак, поддржувач, финансиер и деловен партнер на Драган Ѓилас, политичар со сомнителен финансиски кредибилитет кој е најгласна опозиција на претседателот Александар Вучиќ во Србија.
Грчкиот портал kapital.gr, помеѓу многуте други, објави дека United Group е во долгови над 7 милијарди долари!
Парите кои се снимени како Ден Дончев ги бутка во торба, наводно биле од косопственик на Тотал ТВ, Тони Илиовски, кој според медиумите живее и работи во Австралија, во време кога тој како малцински сопственик има спор со поголемиот сопственик на Тотал ТВ, Адриа ДТХ, која е дел од United Group и имал интерес тогашниот премиер Зоран Заев да помогне пред судот во нивниот спор кој во тоа време се наоѓал во фаза на одлучување пред Апелација.
Ден Дончев си замина, секако во странство - Австралија, парите ги снема, и никој за ништо не одговараше.
<b>Клиничка болница Штип, грабеж од здравјето на болните</b>
Во март 2015-та тогашниот премиер Никола Груевски најави изградба на комплетно нова клиничка болница во Штип. На 3. март 2016 година беше поставен камен темелникот на новата Клиничка болница која ја чекаат над 300.000 жители од источниот регион веќе седма година, и не ја дочекаа. Клиничката болница требаше да биде завршена до крајот на 2018 година.
Изградбата стартуваше во 2016 година со 27 милиони евра кредит од Банката на Советот на Европа, а крајниот проект на владатата на ВМРО ДПМНЕ чинеше 34 милиони евра. Банката го запре финансирањето заради доцнење на изградбата од страна на грчкиот изведувач Интракат, по што сегашната владата одлучи да ја финансира изградбата. Никој од владата не побара одговорност и надомест од Интракат за штетата поради нивното доцнење.
Министерот за здравство <a href="https://faktor.mk/namesto-do-krajot-na-2018-ta-novata-klinichka-bolnica-vo-shtip-kje-bide-gotova-dogodina">Венко Филипче изјави</a> дека новата Клиничка болница во Штип сепак ќе биде готова наредната 2019-та, наместо на крајот од 2018 година.
- “Иако иницијално првичната проценка беше дека градежните работи треба да завршат до крајот на оваа година, после застојот од неколку месеци, рокот е пролонгиран. Работниците се повторно во објектот и очекуваме тој да биде завршен во септември 2019 година“ најави Венко Филипче. Потоа, во 2020-та следеше ветувања дека ќе биде сигурно готова до крајот на 2021...
А хронолгијата е ваква:
Новата власт на СДСМ и ДУИ на 6. декември 2018 година ја одложува изградбата на болницата за две години.
По две години, на 11 август 2020 Судски спор меѓу Интракат и ГП „Бетон“ ја стопира изградбата на болница. Бетон побаруваше 2 милиони евра неисплатени како кон подизведувач, иако Интраком ги добил парите за изградба.
На 17 ноември 2021 Христијан Мицкоски во Топ Тема на Телма обелоденува за повлекување на Банката на Советот на Европа која беше финансиер на изградбата на Клиничка болница Штип.
На 18 ноември 2021 Министерството за здравство (Филипче) го потврдува повлекувањето на финансиерот за изградба на болницата
На 6 декември 2021 се објавува цела серија скандали за корупција на поранешни градоначалници, административци, политичари кои добивале големи хонорари за изградба на новата болница во Штип која не се ни гради.
Медиумите во 2021, кога беше најавено дефинитивно завршување на клиничката болница, од која немало ништо, но се исплаќале големи хонорари за партиски активисти на СДСМ: пишуваа дека раководителот на проектната единица, и државен советник на министерот Филипче, Јован Грповски, кој првично добивал по 150 илјади денари месечно, а последниве години по 90.000 денари.
Потоа, пратеникот на ВМРО-Народна - коалиционен партнер на СДСМ, Љупчо Балковски, исто така е меѓу луѓето што добивале хонорари како прв човек на проектната единица. Годишно во просек тоа се околу 19 илјади евра.
Од мај 2021 ангажиран е и ексградоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. Тој од главната сметка на Министерството за здравство добивал по 60.000 денари за координација на изградбата на болницата која запрела со градба.
На прашањето на Бирн, како десетина луѓе земаат хонорари а градбата стои, министерот за здравство Венко Филипче одговара: „Нема ништо спорно. Тие луѓе сe тука, си работат“.
Министерот Венко Филипче, потоа, тврдеше дека штипската Клиничка болница ќе биде изградена и пуштена во употреба до средината на 2020 година.
До 4. март 2022, по шест години, болницата е изградена само 30 %, а потрошени се 12 милиони евра. Европската банака се повлече, и Македонија остана без 14 милиони евра.
Последно, во јули годинава, на седница на Владата било решено “да се интензивираат градбите за клинчката болница во Штип?! “Императив е Штип и околните градови да добијат нова Клиничка болница“, изјави премиерот Ковачевски. На прашањето дали може да зборуваме за конкретен рок во кој би го имале објектот во функција, Ковачевски вели дека обврска на Владата е во “најитни рокови“ (допрва) да направи проект којшто ќе биде реализиран.
Ковачевски и приказната од Штип многу личат на коруптивната приказна за изградбата на автопатот Охрид-Кичево кој не е готов, но почетната цена од 250 милиони евра со “нови проекти“ нарасна на 360 милиони евра, а се уште нема крај.
Од Министерството за здравство, во изјава за провладиниот „Фокус“, во септември 2020 година објаснуваат дека “изградбата на болницата се одвива со забавено темпо, поради пандемијата со ковид-19, вонредната состојба и затворање на границите“. Најавено е дека градбата ќе се интензивира и ќе заврши до крајот на 2021 година.
Но, не го видовме крајот. Иако грчкиот изведувач Интраком не ја заврши работата и тргна кон стечај, министерот Венко Филипче и владата во 2021/22 година му исплатија повеќе од 2,5 милиони евра на „Интраком констракшн – Интракат Грција“, исплата како “надомест за штета“?! извршена од министерот Венко Филипче.
Државата не ја активираше банкарската гаранција од Интраком која беше залог за навремено и квалитетно завршување на градежните работи. Напротив, владата на Интраком му исплати 2,5 милиони евра затоа што тие - претрпеле штета!
Од Министерството за здравство за Телма, во февруари 2022 изјавија дека рокот за завршување на првата фаза е до 31.12.2022г, а изведувачот има договор и валидна банкарска гаранција.
Вкупната изградба на Клиничката болница во Штип, според Венко Филипче, ќе чини 42 милиони евра. Парите се потрошени, кредитот загубен, грчкиот изведувач на работи го нема, а нема ни Клиничка болница во Штип, новата цена допрва ќе се пресметува.
Во јули 2023-та раскинат е договорот за изградба на Клиничката болница во Штип. Ќе има “нов проект“. Како што (не)видовме “нов проект“ за клинички центар во Скопје откако беше СДСМ/ДУИ го откажаа проектот за изградба од владата на ВМРО ДПМНЕ, а заради раскинувањето на тој договор државата од владатата на СДСМ/ДУИ е тужена од италијанска фирма за штета од 8,5 милиони евра.
Државата еднострано го раскина Договорот во време кога министер за здравство беше Венко Филипче, кој потоа се вадеше дека одлуката не била само негова.
„Не го раскинав јас договорот, го раскина Владата, па таму барајте одговори“, кажа Венко Филпче во кратка телефонска изјава, во <a href="https://24.mk/details/se-bara-otshteta-od-8-5-milioni-evra-za-raskinuvanje-na-dogovorot-za-nov-klinichki-centar">октомври 2022 година.</a> Така зборуваа и Драги Рашковски, и Мухамед Зекири за своите “договори“.
А дали владата имала пари да се доврши изградбата на Клиничката болница во Штип? Имала, и многу повеќе од тоа. Многу повеќе владата ја чини “фантомската“ фабрика за електро автомобили која е во фаза на нива.
Државата одобри помош од 42,5 милиони евра за германскиот инвеститор Некст.Е.Го Мобиле за првиот електричен македонски автомобил e.Go, а компанијата и натаму не почнала со изградба на фабриката во индустриската зона во Тетово, но ќе ја добие сумата договорена со државата, пренесува „Фактор“.
<b>Секнаа парите од манупулации на буџетот, се тргна кон рекет на приватните клиники</b>
До ден денес не се изгради Клиничката болница во Штип, а парите се потрошија. “Од постоечката болница во Штип изминативе 2,5 години си заминаа 70 вработени, а со отворањето на нови приватни здравствени установи и ординации, по Нова година, ќе се соочи со нов одлив на медицински кадар. Нови вработувања нема од февруари оваа година.
Дел од вработените во гинекологија, анестезиологија, лаборанти и медицински сестри од хирургија и други одделенија, како што се најавува, наскоро ќе си заминат од болницата, па затоа ќе мора да бараме начини брзо да ги пополниме испразнетите работни места, за да не трпат пациентите“, вели директорот Ален Георгијев во декември 2022 година.
Јавното здравство, од Фондот преку клиниките и болниците, па се до министрите и владата е во колапс и потонато во корупција. Се што вреди од таму заминува. Се покажа тоа во секоја можна прилика, од ковид епидемијата, корупцијата со вакцините, клиничките центри кои испарија и ги нема во Штип и Скопје, до корупцијата на Онкологија и Хематологија.
Граѓаните кои редовно плаќаат данок за здравствено осигурување немаат услуга за тие пари, ниту пак Фондот им покрива потребен број интервенции кои ги прават во приватните клиники.
За разлика од нив, како да се во друг свет, приватните клиники покажуваат сосема друго лице и способност на здравството во Македонија. Во секој поглед, здравствениот систем и сервис во приватното здравство функционира, а тоа се истите луѓе од Македонија, најголем дел дојдени од државното здравство но, со менаџмент кој ја прави најголемата разлика - нема корупција и има одговорност!
Заради целосната неефикасност на јавното здравство и темелната корупција во него, приватните клиники се единствена функционална алтернатива и, што треба да се истакне, тие се препознаени како решение за добро здравство и од околните држави од каде доаѓаат значителен дел од пациентите.
Согласно квалитетот на услугата, без корупција со плаќање “под рака“, отчетност и одговорност во процесот приватните клиники со избор од најдобриот кадар во државава - се и профитабилни.
А штом се спомне профит, луѓето со политичка моќ во власта и нивните партнери од подземјето веднаш забележеуваат можност профитот да го стават под контрола и на своја сметка. Без оглед дали се работи за Лотарија, или успешна приватна клиника.
Изборот за рекет и преземање на успешен клинички центар падна на клиниката Жан Митрев, и отварање афера за употреба на хемофилтрација во процесот на лекување на тешко заболени пациенти од Ковид 19. Образложение: пациентите биле измамени дека тоа ќе ги излекува и спаси од последиците!
И, на првиот кардиохирург во Македонија, кој на повик од државата е дојден од Германија во Македонија да постави и развива кардиохирургија, и ја разви до регионално респективена Клиника, му се постави услов: ќе ја продадеш на нашиот албански партнер, или ќе те нема ни тебе ни клиниката. Секако, по цена која “партнерот“ ќе ја одреди.
Кардиохирургот не ја прифати уцената, и уследија “афери“ од познатите медиумски и невладини центри на СДСМ и ДУИ, медиуми кои живеат од пари кои не потекнуваат од комерцијални извори, и - уследи судење на Жан Митрев за измама.
За притисокот да биде целосен, и со намера Жан Митрев да се предомисли кога ќе се соочи со судењето, дополнително е оптоварен со блокади на сметките и одземање пасош. Да не спомнуваме традиционални притисоци како објави на социјални мрежи од познатите партиски ботови, закани и слично.
Судењата, досега, со изјави на сведоците кои биле “измамени“, без исклучок, покажаа дека во повеќето случаи гледаме обид за корист од лица кои сакаат од Клиниката Жан Митрев да извлечат пари кои, не тие, туку нивни блиски ги платиле за лекување.
Дека ниту еден од нив не се видел или слушнал со Жан Митрев за да тој ги убедува или “измами“ во нивната одлука. Дека најголем дел од пациентите се финално излекувани, процентот на смртност од Ковид 19 на државните клиники е три пати, 300%, поголем отколку на Клиниката Жан Митрев но, никој не го тужи Филипче за тоа, ниту бари да му се вратат парите кои Фондот за здравство ги платил за неуспешните лекувања.
Треба да падне Жан Митрев, албанскиот купувач е нестрплив. Тој да стане сопственик а Венко Филипче партнер и да го управува бизнисот. После 18 месеци од почетокот на овој процес работите се сосема јасни, а информациите повеќе пати проверувани.
Каде е сега екс министерот Венко Филипче, кој одеше кај Жан Митрев и се сликаше со него после секоја успешна операција на клиниката со изјави за врвни дострели на македонското здравство ? Каде е да даде изјава дека хемофилтрацијата е позната метода и дека токму Филипче се запознал со нејзината примена на Клиника Жан Митрев на колективен состанок со другите клиники, и наложил да се намали цената што Клиниката Жан Митрев го прифатила? Го нема, тој е сега заинтересирана страна за падот на Клиниката Жан Митрев во посед на неговите “деловни пријатели“.
Кога на еден врвен кардиохирург во Македонија, а ние имаме само 5-6 такви, ќе му ги блокираш сите сметки, ќе му го одземеш пасошот со што го оневозможуваш да контактира и соработува со струката во Европа, тоа е повеќе од спроведување закон и еклатантен пример на прогон на човек. Но, во случајов човек на кого чекаат болни, и тоа тешко заболени, да ги лекува.
Според јавно познати податоци, Жан Митрев, годишно врши близу 1.000 операции на срце и срцеви органи, и по ова се што ќе се каже за превентивните мерки со блокада и одземен пасош е, пред се, удар врз тие пациенти.
Никој не избегал од никаде ставајќи во ризик голем личен углед, струка на која е посветен и успешен и имот од десетици милиони евра колку што, приближно проценето, вреди Клиниката Жан Митрев. Тоа го знаат и обвинителите но, јавноста ги знае и нив, и им одговара дека само 3% од таа јавност има доверба во обвинителите.
Тогаш, зошто за ваков рекет е избран токму Жан Митрев? Заради брендот на клиниката, историјата, вредноста и референцата и, на крај, затоа што нема заштита во политичките и коруптивните кругови со кои ниту имал контакти, а уште помлаку дружба и соработка. Лесен е за отстрел во такви околности.
Жан Митрев не е прв кој е под притисок на уцена и рекет меѓу успешните компании. Познати се истите дејствија кон една од најголемите софтверски фирми во Македонија, кон уште една приватна Клиника, кон неколку градежни фирми, кон еден од најголемите трговци со струја... но, очекуваме да биде последен случај, за шест месеци ќе имаме избори.
Дали ваквите уцени и рекети ќе успеваат, на крај, одлучува судот. Ако ги поддржи, им дава право и патоказ на сите идни власти да продолжат. А секој просечно стручен и успешен судија лесно може да препознае за што, во суштина, се работи и да одлучи во полза на силните кои грабаат или на другата страна - силните кои создаваат јавна корист и услуга.
Да ја затвориме темата со она со кое започна: Од 500 милиони евра во Фондот за здравство кога СДСМ и ДУИ стапија на власт, сега на сметката на тој Фонд има 750 милиони евра, или 50% повеќе пари земени од граѓаните и фирмите.
Дали некој од нас чувствува дека од 2017 до сега имаме 50% подобра здравствена услуга?
И, второ, секоја може да процени какво јавно здравство ќе имавме со реализација на проектите од минатата влада на ВМРО ДПМНЕ за Клиничка болница во Штип и голем Клинички центар во Скоппје, од праксата која тие ја започнаа а наследниците од СДСМ и ДУИ ја прекинаа - на терет на државата наши доктори да се обучуваат во најдобрите европски клиники, а нивни доктори да гостуваат тука и да подарат искуство кое малкумина овде го имаат.