Десетици полицајци се распоредени околу кривичниот суд, непосредно пред спроводот на обвинетиот Сашо Мијалков од куќен притвор. Речиси сите полицајци го обезбедуваат просторот позади судот, на улицата од каде поминуваат возилата со кои Мијалков ќе биде донесен. Освен униформирани полицајци, има и цивили. На Мијалков и на останатите 11 осомничени ќе треба да им биде изречена пресуда за предметот „Таргет-Тврдина”, поврзан со масовното нелегално прислушување.

Мијалков два дена беше недостапен за полицијата, која во неделата го бараше да му врачи решение за куќен притвор поради опасност од бегство издадено од кривичниот суд. Мерката беше побарана од Обвинителството, откако обвинителката Вилма Русковска доби информации дека тој ќе се даде во бегство. По него беше распишана меѓународна потерница. Во вторникот, Мијалков сам се појави пред Обвинителството, објаснувајќи дека имал висока температура па се изолирал поради сомневање дека е заразен од коронавирус. Никој не објасни каде се изолирал Мијалков. Обвинителката Русковска кажа дека не му верува на објаснувањето кое го даде и неговиот адвокат Петар Василев.

Судот по три години судење, ќе изрече пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, поврзан со масовното нелегално прислушкување од 2008 до 2015 година. Обвинети во процесот се ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков поради прислушувањето и уништувањето на системите, ексминистерката Гордана Јанкуловска за уништувањето на системите, началникот на петтата управа Горан Грујевски, кој учествувал во прислушувањето, и службеници во УБК. За уништувањето на опремата за да се прикрие дека УБК прислушувало му се суди и на Тони Јакимовски, шеф во кабинетот на Мијалков во УБК.

makfax.com.mk