Ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата, охрабрабрување на различно мислење, градење на СДСМ за новото време – млад СДСМ, подигнување на мотивацијата на граѓаните, се само дел од столбовите на партијата што ги најави лидерот на СДСМ Зоран Заев на почетокот на 26 Конгрес на партијата.

Заев ѝ се заблагодари и на Радмила Шеќеринска, која била покрај него во најтешките моменти. Шеќеринска, како заменик претседател на партијата, веќе најави дека ќе се повлече од оваа функција бидејќи „не е од оние луѓе кои припаѓаат на некоја партија само поради функцијата“.

Заев на денешниот Конгрес, кој поради пандемијата со Ковид-19 се одржува онлајн, пред сопартијците рече дека партијата е успешна и со државнички успеси. Тој се пофали со досегашните успеси – дека ги покачиле платите, пензиите, социјалната помош, обезбедиле поврат на дел од ДДВ, ја укинале радиодифузната такса и изградиле преку 500 километри патишта.

„Единаесетте години под режимот на ВМРО-ДПМНЕ оставија огромни, несогледливи последици во тоа време. Државата ни беше опустошена. Додека граѓаните страдаа, државата одеше во погрешен правец, кон провалија. Во таков амбиент се исправивме, кренавме глас, ја покажавме вистината и заедно со граѓаните одлучно газевме по улиците, во борба за слобода и правда“ истакна премиерот и претседател на СДСМ.

Тој кажа дека епитетот „државнотворна партија“ СДСМ го потврдувал многупати во минатото, а во изминативе четири години, по доаѓањето на власт, одновно и повторно го докажале тоа.

„Излеговме со чесна понуда, со јасен „План за обезбедување нормален живот во Македонија“. Со нов концепт: враќање на парите кај граѓаните, со сите сили на прав пат, кон интеграција, со постојана борба со режимските наследници, со одлучност за воспоставување на правна држава. Тоа граѓаните го препознаа и се приклучија! Го срушивме режимот на ВМРО-ДПМНЕ кој цела деценија ја држеше земјата во заложништво. Нашата татковина тргна напред, економски, политички, демократски, на секое можно поле“ истакна Заев.

Тој додаде дека мандатот не бил мирен, но таа битка за доброто на земјата и доброто на народот била и очекувана.

„Ние од почеток се боревме на два фронта истовремено: на надворешен план, мораше да се решаваат наследени децениски проблеми, прашања за кои никој не собрал храброст да ги решава речиси 30 години, од осамостојувањето на нашата држава“ истакна Заев.

На денешниот Конгрес ќе се бира заменик претседател, потпретседатели, но и членови на Централниот и Извршниот комитет. Иако се шпекулира со повеќе имиња, премиерот Заев беше воздржан и не лицитира со конкретни имиња, но најави „нова и свежа енергија во партијата“.

„Нема веќе недопорливи, тоа денес сите го знаат. Посветени сме на градење силна, независна и ефикасна правна држава која испорачува владеење на правото, подеднакво за сите“.

Тој потенцираше дека целото раководство на опозицијата стои на браникот на криминалот, но и покрај тоа, Собранието го донело Законот за јавното обвинителство.

„Како резултат на тој закон, предметите за висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Во таа смисла, голем чекор напред е работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, согласно новите закони, најавија детална проверка на работата на судиите и обвинителите“ рече Заев.

Премиерот го поздрави овој процес и повтори дека токму тоа посакува да го види – целосно независна судска власта која не е составена по тефтерчиња, туку се води само по законите и Уставот.

makfax.com.mk