logo
logo
logo

Заев и Николовски со писмо до пратениците: Корупцијата мора да се казнува во сите редови на власта

Vecer | 22.03.2021

Заев и Николовски со писмо до пратениците: Корупцијата мора да се казнува во сите редови на власта

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, доставија писмо упатено до претседателот на Собранието, Талат Џафери и до целиот пратенички состав, кое ја нагласува важноста на законодавниот дом во процесите поврзани со борбата против корупцијата и криминалот.

Како што информираат од владината прес-служба, во писмото се посочува на потребата од единство во носењето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, заедно со Акцискиот план за нејзино функционирање.

„Тргнуваме од потребата да се елиминираат пречките и да го унапредиме системот, односно да обезбедиме институциите секогаш да стојат во првите борбени редови против корупцијата. Институциите да обезбедат укажување, спречување, препознавање и санкционирање секаков вид корупција во сите редови на власта без исклучок. Со ова писмо Ви се обраќаме Вам, почитувани пратеници, како клучна алка за донесувањето на потребната законска рамка и регулатива и како одговорни за контролата и надзорот врз институциите на извршната власт и на независните тела, со апел и молба да ги приоретизирате овие процеси и да дадете дополнителен импулс кој ќе го помогне системското справување со корупцијата“, стои во писмото од Заев и Николовски.

Воедно, во писмото, премиерот и вицепремиерот изразуваат благодарност до сите пратеници за досегашните напори, со апел за уште посилен интензитет за поддршка и учество во реформскиот процес.

„Поддршката на законските измени кои произлегуваат од Планот за борба против корупција, но и на Националната стратегија, со консензус, ќе прати јасна и недвосмислена порака кон граѓаните чија доверба ја имаме токму за ваквата борба за подобар живот. Таков консензуален чекор ќе биде чуен и виден од граѓаните како државнички и одговорен. Но, ќе ја покаже и спремноста на сите видови власти да застанат на иста страна со граѓаните“, се посочува во писмото.

 

makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk