Министерството за правда ги потврди вчерашните пишувања на Вечер.мк и одлучи со користење на европското знаменце да изврши измени во Законот за судии и јавни обвинители, со што ќе успее да бутне преку ред уште стотина свои обвинители и судии на тестирањето кое се бара да биде писмено наместо електронски и кое треба да се одржи на 22 јануари 2024 година.
Во соопштението објавено на сајтот на Министерството за правда, наведено е дека амндмански ќе се интервенира во 4 члена од Законот за Академија за судии и јавни обвинители.
“Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители содржи четири члена.
Со членот 1 се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди.
Имено, во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои неможеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејки сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.
Решението што се предлага е слично со решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РСМ бр. 67/22“)“, објави министерството.
Сега останува да се види дали овие измени кои ги бутка министерот Лога на сила, ќе поминат во Собранието, а потоа ќе се види и како ќе постапи Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Вечер.мк вчера предупреди дека министерот Кренар Лога вршел притисок врз членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители,
1. Управниот одбор на Академијата имал намера да донесе одлука за писмено полагање на тестовите, но
2. Членот на УО Фиданка Рајевска од Совет на обвинители укажала дека писменото тестирање би била незаконита постапка на АСЈО и дека Јавното обвинителство токму за ваква постапка го гонело екс генералниот секретар на Владата, бидејќи како генерален секретар дал предимство на владин заклучок наместо на законска норма и обврска.
Таа му дала поддршка на судијата Александар Чичаковски, кој е член на Приемната Комисија во АСЈО која е задолжена да го спроведува приемниот квалификациски тест на кандидатите за слушатели на Академијата.
3. Судијата Александар Чичаковски кој е член на Приемната комисија која треба да го спроведе тестирањето, бил против писмените тестови и барал примена на член 39 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители каде изрично е наведено дека квалификацискиот тест се полага по електронски пат.
Тој и барал тоа како издвоено мислење да се внесе во записникот - дека тој е на ставот за почитување на законската обврска за електронско полагање на испитот, и дека ако УО одлучи да се спроведе писмен испит - тој ќе си поднесе оставка (поради прекршување на Законот за АСЈО)
4. Пред почетокот на овој, но и на минатонеделниот состанок, повеќето членови на УО на АСЈО биле и неформално запознати со ставот на министерот за правда Кренар Лога (од редовите на Алијанса за албанците) дека мора да се избутка писменото тестирање по секоја цена, па дури и ако треба да амандмански да се смени Законот за Академија за судии и јавни обвнители - со европско знаменце, кој како исклучок ќе предвиди и писмено полагање на квалификацискиот тест.
Тој, неформално, интервенерал кај член на УО на АСЈО, зошто се одолговлекува со носењето на одлуката за писмено полагање, бидејќи и Алијанса за албанците имала свои фаворити во оваа листа на слуштели за судии и обвинители во Академијата.
Дали донеле конечна одлука за писмено полагање на квалификацискиот тест и како и кога би се одржал - нема информација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата