Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорката на Државен Инспекторат за животна средина планирање, Ана Петровска, денеска беа во посета на локацијата во скопско Долно Коњари каде што се врши ископ на песок и чакал.
Прелиминарните анализи на Управата за хидрометеоролошки работи, покажуваат голема веројатност дека концесијата на правниот субјект ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ с.Долно Коњари Петровец, е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња.
[embed]https://www.youtube.com/watch?v=iJjJXWiubto[/embed]
Николовски посочи дека како координатор на инспекциските служби, детално е запознат со случајот од страна на ресорното министерство и надлежниот инспекторатот, се во постојна комуникација и координација, со цел детално да се истражи случајот и да се постапи согласно законите и правилниците.
„Законите мора да се почитуваат, никој не е над законот, мора да има ред и дисциплина, особено кога се работи за нешто што влијае врз загрозување животната средина и крајно врз безбедноста и здравјето на граѓаните. Заштитата на животната средина и условите за живот во секој регион од нашата држава е врвен приоритет на Владата“, изјави Николовски.
Директорката на Инспекторатот за животна средина планирање, Петровска, посочи дека за да имаат правна важност, податоците од УХМР ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и вештачења, кои што ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не дека не се очекува да има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања.
„Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019 година. Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација и ќе го извести Министерството за економија за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Ќе се побара и подготовка на нов елаборат за блок Б, со оглед дека постоечкот не е усогласен со важечкиот Правилник. Додека да се изработи и одобри Елаборатот, ќе се побара од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на Блокот Б. За индициите околу прекршувањето на Законот за води ќе го информираме и Министерството за животна средина и просторно планирање“, изјави Петровска.
Таа најави дека Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно дозволите за експлоатација.
makfax.com.mk
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата