Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски на својот „Фејсбук“ напиша дека се случил вандализам во Капиштец, откако малолетници обиле и управувале багер, и притоа оштетиле возило и каблите од системот за наводнување.
Герасимовски реагираше и упати апел до родителите да разговараат со децата.
„Вечерва во паркот во Капиштец, каде што се изведуваат реконструктивни работи, малолетни лица обија багер, го стартуваа и управуваа, предизвикувајќи штета на паркирано возило. Дополнително, уништени се каблите за системот за наводнување и направена е значителна материјална штета.
Направен е увид, а истрагата продолжува.
Ова е втор ваков инцидент во овој реон, откако пред неколку месеци беше обиен и ограбен комуналниот пункт на Општина Центар.
Апелирам до родителите: Разговарајте со своите деца за последиците од ваквите постапки.
Јавното добро е за сите нас. Вандализмот мора да запре!“, напиша Герасимовски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата