logo
logo
logo

Фирма - загубар на Еуростандард банка и должи кредит од 2,5 милиони евра!

Vecer | 11.02.2021

Фирма - загубар на Еуростандард банка и должи кредит од 2,5 милиони евра!

Излегуваат детали од фианснискиот скандал вои Еуростандард банка:

Според асоцијацијата на ограбените штедачи во банката. Најголемата фирма должник според извештајот за Еуростандард банка на стечајниот управник Душко Тодевски има невратен кредит во износ од 2,5 милиони евра.

Кредитот на фирмата е доделен пред неполни две години пред затворањето на банката во август минатата година. Обезбедувањето на кредитот е единствено со обична меница. Фирмата нема платено ниту една рата откако е земен кредитот.

Во времето кога е доделен кредитот, фирмата била во екстремно лоша финансиска состојба, несолвентна ниту кредитоспособна за да добие така голем кредит.

Од 2017 до 2019 година фирмата имала загуби од 500 илјади па до 4 милиони евра. Во истиот тој период, обврските на фирмата се движеле од 5,5 до 7,7 милиони евра. Задолженоста на фирмата се зголемила од 110 на 450 отсто!

Згора на се, фирмата има и тековен долг од 90 илјади евра за неплатени даноци и придонеси кон Управата за јавни приходи. Кулминација на лошото работење е отворен стечај на фирмата пред десетина дена.

Во 2019 година, Управата за финансиска полиција има поднесено кривична пријава против сопственичката и управител на фирмата за даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги.

Имено, како што е објавено од финансиската полиција, сопственичката подигала од фирмата парични средства во готово во висина од над 1,2 милиони евра на име „материјални и патни трошоци“ во период од неколку години и притоа не приложила евиденција за нивна економска оправданост.

Со тоа, таа го оштетила и буџетот на државата од неплатен данок на доход од околу 140 илјади евра. Со цел да ги прикрие трагите за кривичното дело, таа поднесувала и фалсификувани завршни сметки на фирмата со невистинити податоци.

Како е можно да раководството на банката подари 2,5 милиони евра пари од нашите депозити на ваква фирма и со ваков сопственик и управител?

Сите индикатори биле против било каква соработка со фирмата како високоризична со никаква можност ниту потенцијал да ги отплаќа ратите од земениот кредит. На која основа е даден овој голем кредит? Дали е направена кредитна анализа или е даден кредитот на вересија, со цел да се подели истиот меѓу организаторите? Дали раководството воопшто ги видело билансите на фирмата и нејзината енормна презадолженост?

Што правела гувернерката Анита Ангеловска Бежоска? Веројатно повторно не го видела ниту овој криминален зафат. Како тоа не видела дека трансакцијата од 2,5 милиони евра била всушност за високоризичен кредит, за којшто фирмата ниту имала бонитет ниту капацитет да го враќа?

Фирмата не плаќала рати со години. Според кој закон, правилник или постапка гувернерката Бежоска го дозволила кредитирањето на фирма од ваков калибар!? Како е можно гувернерката Бежоска и овластените служби од Народна банка да не исконтролираат детално даден кредит од 2,5 милиони евра!? се прашуваат штедачите од Еуростандард банка во своето соопштение до јавноста.

Оваа лекција за добро организиран и спроведен криминал треба да биде поука и за другите банки, а најмногу за нашите сограѓани и фирми од чии депонентни средства зависат и опстојуваат финансиските институции во нашата држава.

Со ваков разработен криминоген банкарски систем којшто толерира и дозволува криминал и може да поминува неказнето, ризикот за загуба на депозити во банките е огромен. Нашата несреќа била да не покрадат во целост, а државата да го дозволи тоа, заклучуваат штедачите во своето соопштение.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk