logo
logo
logo

Трипуновски: Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе го рестартира земјоделството, поголеми субвенции, 20 милиони годишно за водоснабдување и откупни центри на земјоделските производи

Vecer | 06.06.2023

Трипуновски: Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе го рестартира земјоделството, поголеми субвенции, 20 милиони годишно за водоснабдување и откупни центри на земјоделските производи

Цветан Трипуновски, претседател на републичката комисија на ВМРО-ДПМНЕ за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната трибина во организација на партијата, насловен „Современи политики за развој на земјоделството истакна дека земјоделството во државата е носечки столб на македонската економија, меѓутоа поради погрешните политики на владата на СДС и ДУИ, Македонија е речиси комплетно увозно зависна од храна.

- Земјоделството е носечки столб на нашата економија, меѓутоа изминатите 6 години откако СДС е на власт, гледаме дека секојдневно и се случува скандал, погрешна политика која што денеска Македонија ја донесе во една незавидна ситуација да бидеме речиси комплетно увозно зависни од храна, рече тој.

Трипуновски го посочи последниот мега скандал поврзан со увоз на зеленчук од Албанија со пестициди и тешки метали, укажувајќи дека наместо Николовски и Бабовски да си поднесат оставки, тие обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ е креатор на лажни вести.

- Изминатите денови објавив скандал којшто се однесува на увоз на зеленчук од Албанија. Кој што е загаден со пестициди, тешки метали. Она што не изненадува е тоа што наместо власта да признае за овој голем пропуст се обидува со бледи соопштенија да го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е креатор на лажни вести. Меѓутоа аргументите и фактите се на наша страна, додаде тој.

Трупуновски вели дека земјоделските изминатите 6 години се соочуваат со доцнење односно неисплаќање на субвенциите, злоупотреба на партиска основа, пропусти во делот на водоснабдување на земјоделските површини, злоупотреба на земјоделското земјиште и најгорливиот проблем откуп и пласман на земјоделските производи.

-Земјоделските производи завршуваа на буниште, односно земјоделците не можеа да го продадат својот род и беа доведени до ситуација да се соочат со проблеми на егзистенцијата. И тука се сите, лозарите, тутунарите, оризопроизводителите, сточарите, млекарите. Така што нема гранка која што не е уназадена, нагласи тој.

Трипуновски вети дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати достоинството на земјоделците.

-ВМРО-ДПМНЕ има сериозен плани и визија, човечки капацитет, знаење, проекти и мерки кои што ќе значат враќање односно рестартирање на македонското земјоделство од оваа тешка ситуација и конечно Македонија да стане она што беше, производител на храна за домашни потреби, производство на храна кое ќе значи извоз и девизен прилив за државата и враќање на достоинството на земјоделците, објасни тој.

ВМРО-ДПМНЕ ќе направи максимално зајакнување на фитосанитарниот систем, односно навремена и целосна контрола на она кое што влегува во Македонија, бидејќи пред се и над се е здравјето на граѓаните. Во делот на пласманот на земјоделските производи ќе спомнам само три од сетот на мерки, а тоа е ќе се донесе нов закон со модифицирани и зајакнати услови во делот на кој се може да откупува земјоделски производи во Македонија, со посебен акцент на исплатата на земјоделските производи, изјави Трипуновски и додаде:

-Изградба на нови модерни дистрибутивни центри кои што веќе години наназад се зборуваат, а никако да станат реалност. И она кое што сметам дека  е приооритет е министерството и владата донесат минимални производствени цени кои што ќе бидат оној минимум за секој земјоделски производ во тековната година, бидејќи само така ќе можеме да зборуваме за рентабилно земјоделско производство.

Трипуновски вети и зголемување на субвенциите и олеснување на бирократските процедури за да им биде полесно на земјоделците да финансираат и за националните, но и за европските фондови, како и носење на 10 годишна програма во делот на водоснабдувањето на земјоделските површини.

-Она коешто ВМРО-ДПМНЕ ќе го спроведе е носење на 10 годишна програма за водостопанство со 20 милиони евра инвестиции на годишно ниво за изградба и одржување на постоечките мрежи за наводнување, дециден е Трипуновски.

Трипуновски нагласи дека со идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе заврши распределбата на земјоделското земјиште на луѓе кои што не се земјоделци.

- Ќе извршиме ревизија а тоа ќе значи ревизија на сето земјоделско земјиште и делење на земјоделското земјиште на вистинските земјоделци, се со цел да можат да егзистираат во Македонија, заклучи тој.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk