Партијата Единствена Македонија бара реакција од македонската држава откако грчките власти вчера на Емилија Гелева, претседателката на Унијата на жени и член на Ивршниот комитет на партијата, ѝ изрекоа мерка - три години забрана за влез во Грција.
Од партијата велат дека на 17 јуни на партиска делегација предводена од претседателот Јанко Бачев, тргната кон „Нивици, Беломорска Македонија по повод петгодишнината од склучувањето на т.н. преспански договор“, ѝ бил одбиен влез во Грција, а на сите им била изречена истата мерка - тригодишна забрана за влез во Грција.
„Ова веќе станува тенденција во однесувањето на Грција. Државите како субјекти на меѓународното право и членки на меѓународната заедница имаат определени права и обврски. Република Македонија има меѓународно правно-признато право и обврска да ги заштити своите државјани од незаконското постапување на трети држави.
Затоа, македонското министерство за надворешни работи треба да го повика грчкиот амбасадор во Скопје и да побара објаснување за ваквите мерки спрема Единствена Македонија кои немаат основа во меѓународното право. Определбата на Единствена Македонија за поништување на преспанскиот договор не претставува легална основа за ваквите незаконски, неевропски и антицивилизациски мерки од Грција спрема партијата Единствена Македонија“, се вели во соопштението на партијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата