Пазарите полни, пред продавниците гужви. Граѓаните ги прават последните подготовки за да ги прослават како што велат најскапите Бадник и Божиќ до сега. Урми, гравче, костени, ореви, овошје, тиква, риба, лебче со паричка е она што ќе биде поставено на денешната семејната трпеза. Граѓаните велат сите овие работи во споредба со претходните години се навистина поскапени. Пред празниците не забележале некое значително поевтинување. Сепак, велат дека максимално се обидуваат да обезбедат сè што е потребно за празничната трпеза.
Уште на почетокот на минатата година, цените на производите почнаа сериозно да растат. Поскапувањето ја вивна и инфлацијата која достигна речиси 20 проценти. Дел од експертите прогнозираат дека цените ниту оваа година нема да се вратат на она ниво од пред 2022 година. Напротив очекуваат и годинава да има поскапувања.
За месеците октомври 2022-2021, растот на платите е 13,6 отсто, но растот на трошоците на живот за истиот период е 19,8 отсто. Растот на цените ќе продолжи и во 2023 година, ќе растат и платите, но цените побрзо од платите. Со поголемите плати, ќе купуваме се помалку. Нешто што чинело 100 денари во 2021 година, на крајот на 2022 година ќе чини 120 денари, а на крајот на 2023 година уште 7,2 отсто повеќе на тие 120 денари или најмалку 129 денари.
Надлежните, пак, во повеќе наврати лани најавуваа дека во пресрет на празниците граѓаните ќе добијат пониски цени, откако дел од компаниите добија субвенционирана струја, нешто што го бараа подолго време. Но, намалувањето беше незначително. Сега, пак, производителите најавуваат поголемо поевтинување до крајот на месецов.
Извор: Телма© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата