Не смееме да дозволиме и никогаш нема да дозволам, барем додека сум на оваа позиција, предмет со такви страшни докази во насока на докажување на одредeно кривично дело од кое ќе му се згади на македонскиот народ така да се затвори, и нема да дозволам, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, за случајот „Мазут“.
Тошковски, во гостувањето на „Топ тема“, зборувајќи за случајот порача дека „секој треба да си ја сработи работата која му е дадена согласно закон“, и нагласи дека „не мислам дека „Мазут“ е предмет што е затворен и не мислам дека е паднат“.
- ЈО е надлежно и е главен мотор во водењето на овие кривични постапки. МВР работата што требало да ја сработи ја сработило и тоа е видливо, и во рамки на овие предмети и во рамки на сите постапувања што се во надлежност на МВР. Факт е дека ЈО потфрлува, во континуитет. Тоа го говорат сите можни мерења на јавно мислење во изминатите десет, петнаесет, пет години, небитно. Тоа е факт. ЈО доколку сака да ја заслужи довербата на граѓаните мора да испорача правда – изјави Тошковски.
Министерот, во гостувањето ги појасни деталите околу текот на истрагата за наводната „шпионска афера“ во претседателскиот кабинет, и притоа ги отфрли обвинувањата за бавност во постапката, нагласувајќи дека форензичката анализа на обемни докази бара време кое често ги надминува очекувањата на јавноста.
- Ќе оставам ЈО да донесе одлука согласно она што го имаме доставено до нив, од анализираните докази кои беа анализирани од Секторот за компјутерски криминал при МВР и нека оцени ЈО, како смета дека треба да ја продолжи целокупната постапка. Јас одговорно тврдам дека во она што го имам како сознанија добиено дека овде ниту од далеку не можеме да говориме за нешто што би требало да значи шпионска афера – изјави Тошковски.
Според Тошковски, факт е дека Обвинителството мора да испорача правда ако сака да ја врати довербата, правејќи споредба меѓу одлуката за отворање на случајот „Мазут“ и отворањето на наводна шпионска афера во претседателскиот кабинет.
- Од една страна имаме затворање на случај што згрозува од аспект на тежина на докази кои ги има во него, од страна на обвинител х, од друга страна имаме отворање на афера во јавноста во истиот временски период, откако јавноста е згрозена од затворањето на случајот, без да ги знае деталите за случајот, со шпионска афера што била многу време работена во рамки на МВР, а тоа многу време е два месеци. Вас ова не ви е сомнително? Особено од аспект на она што ќе следи и во едниот и во другиот случај – порача Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата