ВМРО-ДПМНЕ со жестоки обвинувања до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека во недостиг на политичка понуда и визија се свртува кон создавање тензии и инциденти. Од владејачката партија го нарекуваат Филипче „политички импровизатор и бледа копија на Заев“ и оценуваат дека СДСМ, наместо конкретни решенија за проблемите на граѓаните, нуди „импровизации, глумење жртви и креирање насилни инциденти“. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквото политичко дејствување дополнително ги продлабочува поделбите и тензиите во општеството.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека јавноста ги видела лицата на лицата кои, според нив, биле испратени да предизвикаат инцидент во Ново Село за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски.
Партијата ги обвинува Ефтимов и Стојанов дека се лица со криминално досие и дека биле условно осудени на казна затвор од една и пол година поради напад врз туристи во Струмица. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека токму поради тоа тие биле избрани за учесници во настанот.
„Криминалци, тепачи, насилници и наркомани, тоа е матрицата на СДС која Филипче ја претставува како „децата“ на Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека таквата политика, според нив, не може да биде иднината на државата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата