Најголемите забелешки и натаму остануваат за корупцијата и криминалот во државата, а тука за жал гледаме дека се уште немаме резултати кои биле за пофалба и од домашната и од меѓународната јавност, изјави новинарката и претседателка на „МАН“, Ивона Талевска за „Само вистина“ на Канал 5.
Во однос на последните полициски акции, Талевска истакна дека треба да се поздрави секој обид за справување со корупција и криминал, но странските извештаи и изјавите на странските амбасадори за жал оценуваат дека веројатно и овие акции ќе бидат оценети како „тапани после свадба“ односно задоцнети кои се само се за одредени пиар активности.
- Очигледно дека сме доведени до ситуација во која сме оценети како една од најкорумпираните држави на Балканот и тоа зборува дека правосудниот систем во целост заедно со полицијата затајуваат во таа борба, рече Талевска.
Таа нагласи дека Македонија има човечки капацитети за да можеме да создадеме правно и праведно општество, но она што загрижува е фактот дека нарко картелите се дел од оваа владејачка гарнитура, што никогаш порано не било случај.
- Како резултат на учеството на тие нарко картели во владејачката структура, дрогата е распространета насекаде. Тие имаат заштита од актуелната власт. Да се вратиме на случајот со кражбата на 500 килограми марихуана кои на чуден начин завршија во Арачиново, а владата после исплати откуп за да ја врати во фабриката во Валандово каде незаконски била чувана. А таа фабрика беше во сопственост еден од тогашните функционери на највисоката извршна власт, изјави Талевска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата